Daily news
Јолевски за Денот на НАТО: Македонија се докажа како лидер во регионалната соработка во областа на одбраната
Во вторникот во коорганизација на министерството одбрана и Евроатлантскиот совет, традиционално беше одбележан 4-ти април – Денот на НАТО, односно денот кога пред 68 години беше потпишан Вашингтонскиот договор и беше формирана Северноатлантската алијанса.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски се осврна на сето она што НАТО значи за современиот свет, како и на стратегиските цели на Република Македонија, меѓу кои и членството во Алијансата. „Северноатлантската алијанса денес е многу важна во зачувувањето на светскиот мир, унапредувањето на односите меѓу народите, спречувањето на војните, унапредувањето на човековите права и севкупниот развој на државите“, истакна министерот.
Според Јолевски, минатата година Македонија се докажа како лидер во регионалната соработка во областа на одбраната Минатата година беше донесена одлука Командата на SEEBRIG – бригадата за југоисточна Европа од 2020 до 2027 година да биде стационирана во Македонија, а во Скопје беше отворено седиштето на Балканските наменски медицински сили, што е прва регионална организација со постојано седиште во Македонија.
Министерот го спомена и Регионалниот центар за односи со јавноста, како НАТО партнерски центар. Воената академија добива регионален карактер – скоро 1/3 од питомците се од регионот. Дополнително, оваа година Македонија претседава со А-5, во чии рамки ќе бидат предложени иницијативи како соработката на А-5 може да се искористи за посилно координирање на регионалните центри за обука, и како оваа регионална организација може да се користи за заедничко упатување на мировници во мисии на ООН.
Од аспект на Република Македонија, министерот додаде дека долгогодишниот придонес во операциите предводени од НАТО и вклученоста во партнерските механизми од 1995 година придонесоа во спроведувањето на одбранбените реформи и зголемувањето на националниот капацитет. „Изградивме Армија достојна за почит, Армија која е подготвена во секое време да ги исполни своите уставни функции и Армија која рамноправно се носи со нашите сојузници во меѓународните мировни мисии“, рече министерот и додаде дека Армијата на Република Македонија ја постигна потребната интероперабилност и ги исполни критериумите за членство во НАТО.
Јолевски истакна и дека Македонија продолжува во континуитет да работи на унапредување на капацитетите на Армијата, а како пример го посочи и процесот на модернизација кој е во тек. Инвестицијата од 317 милиони евра за десет години почна да дава резултати – во тек е набавка на нова опрема во согласност со НАТО-стандардите за припадниците на Полкот за специјални операции, а процесот на ремонт на хеликоптерите е отпочнат и се движи согласно зацртаната динамика. Министерот истакна дека од аспект на буџетот, 20 отсто од средствата за одбраната оваа година се наменети за модернизација.
„Македонија и во иднина ќе делува конструктивно и ќе ги превзема неопходните чекори за заштита на националната безбедност и безбедноста во регионот и пошироко. Убеден сум дека нашите напори ќе бидат правилно вреднувани и дека Република Македонија ќе го добие одамна заслуженото место како полноправен член на Алијансата, со што земјите-членки ќе го демонстрираат својот сериозен пристап кон безбедноста во регионот“, заклучи Јолевски./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.