Daily news
Виз ер го означи стартот на новата воздушна линија Будимпешта–Скопје–Будимпешта
Со традиционален воден мост и сечење торта симболизирајќи го почетокот на новата воздушна линија, аеродромскиот оператор ТАВ Македонија на скопскиот аеродром „Александар Велики“ денеска го пречека авионот од Будимпешта на Виз ер, одбележувајќи го отворањето на новата рута меѓу двата главни града – на Македонија и на Унгарија.
Новата ниско-тарифна линија со погоден распоред на летање, чија фреквенција е два лета неделно, ќе донесе пристапни можности за патување кон Будимпешта.
Патниците што го планираат нивниот одмор или викенд во Будимпешта и подалеку, можат да ги резервираат своите билети на wizzair.com со цени кои почнуваат од 899 денари.
„Воведувањето на оваа линија меѓу Скопје и Будимпешта од страна на Виз ер денес е важен чекор напред за македонското воздухопловство, бидејќи со ова се исполнува побарувачката на пазарот што остана отворена во изминативе 5 години, односно од февруари 2012 година. Со овој потег на Виз ер, да ја воведе бараната линија Скопје–Будимпешта, ние сме сигурни дека патувањата ќе бидат многу полесни и дека нашите патници ќе бидат задоволни. Дополнително, очекуваме оваа линија да придонесе за пораст на туризмот, како и за бизнис-размената меѓу двете земји, Македонија и Унгарија“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.
Авиокомпанијата ќе сообраќа на линијата Будимпешта–Скопје–Будимпешта два пати неделно, односно секоја среда и недела, со пристигнување на скопскиот аеродром од Будимпешта во 12:25 часот и заминување од Скопје за Будимпешта во 13:00 часот.
Денес ја имаме честа да прославиме уште една важен настан во Скопје, воведувањето на единствената директна конекција меѓу Македонија и Унгарија. Истакнувајќи ја нашата посветеност кон клиентите од Скопје, новата услуга што почнува денес до Будимпешта ќе донесе уште повеќе можности за патување по најниска цена, вклучувајќи откривање на прекрасната Будимпешта, заедно со 61 друга дестинација низ Европа што се достапни преку мрежата на Виз ер со најниски цени за авионски билети од Будимпешта. Освен тоа, директната услуга ќе го стимулира дојдовниот туризам во динамичниот главен град Скопје и ќе ги зајакне деловните врски меѓу двете држави“, изјави Сорина Рац, менаџер за корпоративни комуникации во Виз ер.
Покрај генералниот директор на ТАВ Македонија, Алп Ер Тунга Ерсој и претставниците на Виз ер, на церемонијата за дочек на летот од Будимпешта на скопскиот аеродром ,,Александар Велики’’ присуствуваше и Министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, како и Амбасадорот на Унгарија во Македонија Дукс Ласло Иштван. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.