Daily news
Ново ексклузивно издание на „Бајки од Македонија“, на саемот претставена едиција испечатена со Браево писмо
По големиот успех на едицијата „Бајки од Македонија“ која веќе го има своето второ издание, сите љубители на пишаниот збор ќе можат да уживаат и во новото ексклузивно издание. Оттсега, четирите бајки – „Вејко Северко“, „Двата цара“, „Момчето што се скри во златното јаболко“ и „Девојчето и Дванаесетте месеци“ се во сет од тврд повез со нова, атрактивна насловна илустрација, специјално изработена за ова издание.
Новото ексклузивно издание на едицијата „Бајки од Македонија“беше промовирано во рамките на 29. издание на Меѓународниот саем на книгата во Скопје. Исто така,во рамките на саемот „Бајки од Македонија“ доби награда за најдобро печатено издание, како и награда за најдобра книга за деца од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).
Покрај ова, едицијата „Бајки од Македонија“ е испечатена и со Браево писмо и е една од дваесетте изданија на издавачката куќа Арс Ламина испечатени со ова писмо. За овие изданија издавачката куќа Арс Ламина ја доби наградата за издавачка куќа со најголема општествена одговорност од Македонската асоцијација на издавачи.
„Ние сме исклучително задоволни што младата публика е заинтересирана за новите изданија и одлучно ги прифаќа. Едицијата ’Бајки од Македонија’ тоа јасно го покажува. Оваа едиција е одраз на вкусот и потребите на младата читателска публика и полека јунаците од бајките стануваат препознатливи и омилени кај децата. Остануваме посветени на литературата за деца и ќе продолжиме на пазарот да нудиме нови, квалитетни изданија“, истакна Бранка Бугариска раководител за издаваштво во Арс Ламина.
Илустрациите на приказните во едицијата „Бајки од Македонија“ ги изработи младата дизајнерка Катерина Николовска, избрана на јавен конкурс, која е авторка и на новата насловна илустрација на ексклузивното издание.
Едицијата „Бајки од Македонија“ е проект реализиран од Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ – „Браво сине“ во соработка со издавачката куќа „Арс Ламина“. Еден од главните приоритети на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине“ е да создава нови модерни производи инспирирани од македонската традиција, а во нивната креативна изработка да им даде шанса на млади талентирани луѓе од Македонија, како што беше случај и со оваа едиција.
„Навистина е убаво да се види дека нашата замисла да се создаде едно вакво модерно издание на традиционални бајки е одлично прифатена од најмладата публика и станува омилено четиво. Тоа е само потврда дека сме направиле добар избор и дополнителен мотив овој проект да се развива и да расте во иднина, нудејќи многу нови содржини“, истакна Ангелка Пеева Лауренчиќ член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине“.
Едицијата „Бајки од Македонија“претставува модернизирана и адаптиранаформа на приказни од македонското народно творештво собрани и забележани од Марко Цепенков и од Танас Вражиновски. Во изборот на бајките учествуваше и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје.
Едицијата „Бајки од Македонија“ беше претставена на еден од најголемите светски саеми на книгата – Саемот во Франкфурт,со превод на англиски јазик, со што станува достапна за широката читателска публика на светскиот пазар./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.