Daily news
Брисел подготвува санкции за Унгарија
Ако продолжи демократското назадување на Унгарија Европската унија може да го активира Членот 7 од Европската повелба кој предвидува покренување санкции против земја членка, како одземање на правото на глас и исклучување од заедничкиот пазар. Вакво предупредување дојде од портпаролот на Европските народни партии, Зигфрид Мурезан.
Унгарија се најде под притисок неделава поради усвојувањето на законот со кој се таргетира Централноевропскиот универзитет основан од милијардерот Џорџ Сорос, кој одамна се смета за непријателски бастион на либерализмот од страна на владата на премиерот Виктор Орбан.Со законот практично ќе дојде до негово затворање.
Овој потег испровоцира едногласна надпартиска индигнација во Европскиот парламент, при што претседателот на Европските народни партии, Манфред Вебер, истакна дека слобода на размислување, на истражување и на говор се од суштинско значење за европскиот идентитет.
„ЕПП групата ќе го брани него без оглед на цената што треба да се плати“, порача Вернер.
Иако партијата Фидез на Орбан е дел од групата на народни партии, која е мнозинска во ЕП, европарламентарците побараа започнување дисциплинска постапка против Унгарија и осуда на неговата партија. Според портпаролот Мурезан, партиските лидери од ЕПП групата ќе расправаат околу ситуацијата со Фидез партијата на нивниот состанок на Претседателството на 29 април.
„ЕПП ќе организира темелна внатрешна расправа и ќе ја следи оценката на Европската комисија за законитоста на последниот унгарски закон“, изјави портпаролот на ЕПП, пред да отиде чекор понатаму и да нагласи дека „санкциите против Унгарија се актуелна опција“. „Ако продолжи ваквата ситуација Членот 7 ќе биде ставен на маса“, рече Мурезан.
Членот 7 во круговите во ЕУ и во медиумите се нарекува „нуклеарна опција“ , бидејќи е најдрастичната и најкрајната мерка што може да ја преземе Брисел против земјите членки кои ја доведуваат под знак прашалник демократијата во нивната земја. Досега тој не е употребен ниту еднаш, а за првпат беше споменат во декември лани како реакција на политичките случувања во Полска, која исто така се наоѓа под ваква закана.
Според Мурезан унгарските граѓани треба да бидат прашани дали сакаат да продолжат да уживаат во бенефициите што ги носи членството во ЕУ , вклучувајќи го правото да живеат каде сакаат во Европа, да патуваат и студираат слободно и да ги користат фондовите од милијарди евра на Унијата. Неговата изјава е реакција на лансирањето на т.н. „Да го запреме Брисел“ иницијатива од страна на Орбан , преку прашалници испратени во поштенските сандачиња на унгарските граѓани деновиве со прашања внатре за кои претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, оцени дека се пристрасни и само помагаат да се разберат подобро намерите на Орбан.крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.