Daily news
Босанско искуство за Македонија: Демократијата не заслужува да биде давена од насилството
Пишува Бојан Стојковски
Мултиетничкиот карактер на една држава според некои може да биде најголемата предност, а според други најголемата слабост. Во случајот на Босна и Херцеговина, во која оваа реалност турбулентно опстојува веќе 25 години, соодносот помеѓу негативностите и предностите се менува речиси на дневна база, и границата помеѓу кревкиот мир и судирите кои ја зафатија земјата за време на 90-тите години е секогаш тенка. Последните случувања во Македонија се сведоштво дека таа граница постои и во повеќето општества кои произлегоа од поранешна Југославија и дека демократските процеси и денес, 25 години по распадот на некогашната држава, се соочуваат со мноштво на предизвици.
Според босанското искуство, насилството никогаш не носи нешто позитивно, бидејќи политичките елити секогаш и натаму продолжуваат со својот живот, додека обичниот народ е тој што страда.
„Ние имавме искуство од насилни демонстранции во 2014-та година, кога започнаа протестите на работниците во Тузла, кои подоцна резултираа со палење на неколку згради на Владата, а исто така и на Претседателството на БиХ. И на крајот се покажа дека демонстрантите не постигнаа многу. Политичките елити продолжија со својот живот, во кој најчесто нема место за размислување за обичниот народ“, вели за Макфакс новинарот на Ал Џезира, Алмир Шечкановиќ.
„Навистина ми е жал поради насилството што се случи во Собранието, и тоа е за секоја осуда. Македонската демократијата не заслужи да се дави во насилство. Македонската демократија не заслужи да биде давена во насилство, а она што се случува сега всушност води кон тоа. Бидејќи не треба да заборавиме дека Собранието е олицетворение на демократијата. Се надевам дека партиите ќе ја остават оваа омраза зад себе, и дека интересите на Македонија ќе ги стават на прво место“, порачува Шечкановиќ.
Она што граѓаните на Босна и Херцеговина со кои Макфакс разговараше силно го потенцираат е дека во едно вакво општество, компромисот е секогаш движечката сила. „Во Југославија некогаш одлично се живееше, но по војната сето тоа се промени. Сепак, сметам дека луѓето во Босна и Херцеговина можат и денес да имаат еден нормален живот, но за ова е потребен компромис и од страна на политичарите како важен фактор, и од обичните граѓани како уште поголем фактор. Последните случувања во Македонија исто така го потенцираат тоа, компромисот е секогаш неопходен за состојбата да не ескалира. Тука во овие наши простори секогаш е потребно многу малку, само една искра за да се дојде до насилство“, вели за Макфакс 60-годишниот Ведад, сопственик на локален ресторан во Сараево.
„Раните кои Босна и Херцеговина ги има пак од војната од 90-тите години се уште не се залечени, а лузните кои се видливи пред се во Сараево, но и остатокот од земјата само го потенцираат уништувачкиот карактер на насилството, кое на овие простори секогаш започнува со неколку помали инциденти, но подоцна ескалира во нешто разорно. Навистина не би сакал Македонија да го помине тоа што го поминавме ние, ако ништо други барем на Балканот треба едни од други да учиме од грешките кои ги правиме, и да не дозволиме тие да се повторат“, вели за Макфакс 45-годишниот Един, жител на Сараево.
Во Босна и Херцеговина, како и во Македонија, различните етнички заедници живеат заедно повеќе стотици години, и кога политиката ќе се остави на страна, заеднички интерес на граѓаните е секогаш на прво место да бидат безбедноста и стабилноста на земјата во која живеат, потенцираат нашите соговорници./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.