Daily news
Медиумски организации: Црн ден за македонското новинарство – нокаут на демократијата
Никогаш не сум видел толку новинари, чинам околу 25 репортери што беа оставени незаштитени толку часа, додека се обидуваа да ја завршат својата професионална должност, додека наоколу владееше хаос и насилство, изјави претставник на Европскиот центар за прес и медиумски слободи, на денешната прес-конференција на која фокусот беше насочен кон вчерашните брутални настани во Собранието на Македонија, каде што физички беа нападнати 10 новинари, двајца од нив завршија со сериозни повреди, а речиси сите добија сурови вербални закани.
„Крајно време е да прекине насилството над новинарите!“, апелираат од заедничката истражувачка мисија ЕСРМФ во Скопје.
Оваа европска асоцијација на покана на Здружението на новинари и Регионалната платформа за застапување на слободата на медиумите и новинарската безбедност спровела истражувања и реализирала вкупно 13 интервјуа со 15 претставници од медиумите, НВО, Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги и Советот за етика во медиумите во Македонија, а воедно ги слушна и нивните искуства.
Нивните сознанија се поразителни, особено по скандалозните настани што се случија вчеравечер и тие ги повикуваат на одговорност на сите надлежни институции. На новинарско прашање што треба да се преземе и што можат тие да направат во ваква ситуација каде што нештата ескалираа до овој степен, тие одговорија.
– Искрени сме дека слично нешто досега не сме виделе, но ги советуваме новинарите да бидат сложни и да не потпаѓаат под притисоците и заплашувањата, да бидат солидарни и да се заштитат самите колку што можат.
Ние ќе ја известуваме европската јавност за овие настани, и секако дека вистината мора да биде изведена пред лицето на правдата.
Според нив, со состојбата со медиумската слобода во земјата е крајно загрижувачка. Нападите на новинарите се директен напад на демократијата.
– Исто така, ги повикуваме сите новинари сериозно да ја извршуваат нивната улога на чувари. Ги охрабруваме да ги пријавуваат случаите на напади, закани и вознемирувања и да поднесат жалби на истите. Новинарите би требало солидарно да застанат со нивните колеги, да соработуваат и да се поддржуваат меѓусебно.
Во Собранието на Македонија, под силни вербални закани и физичка опасност, вчера новинарските екипи не отстапија да ги следат настаните. Новинарите во прес центарот во Собранието се упатиле сосема необезбедени, пред очите на полицијата и никој не им пружил никаква заштита кога 10 од нив биле нападнати со цврсти предмети, а Димитар Тануров и Никола Ордановски во болница се пренесени со помош на нивните колеги.
И од ЗНМ и од оваа европска асоцијација апелираат за сите случаи поединечно да се поднесат пријави во ресорното министерество, и да биде информирано Јавното обвинителство.
Тамара Чаусидис, од ССНМ, рече дека во една правна држава уште еднаш вакво нешто нема да се случи, а сите кои нема да ги осудат настаните ќе бидат прогласени за соучесници.
– Ова е црн ден за македонското новинарство. Од денеска почнува процес за преземање сериозна одговорност на сите оние што го дозволија вчерашното дивеење врз македонските новинари. Воедно сум горда што колегите не потклекнаа на заканите и храбро останаа да ги следат настаните во Собранието, рече Чаусидис.
Од ЗНМ, ги советуваат редакциите чии новинари, репортери и сниматели се здобија со повреди да го информираат Здружението и надлежните во МВР, а во меѓувреме да ги преземат сите мерки на заштита самостојно, односно на вакви настани да праќаат новинарски екипи со поголемо искуство и да не подлегнуваат на провокации. крај/мф/ав
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.