Daily news
Дали можеме да ги натераме децата да ги сакаат книгите?
Само оставете роман на маса и немојте ништо да сугерирате. Ако родителите сакаат детето да чита, не смеат да го форсираат. Мора да му остават на детето слобода самото да ја открие убавината на читањето. Дел од величественоста на читањето е токму слободата која тоа доживување го пружа: влез во туѓи животи, имагинација, истражување на далечни светови и откривање на големи авантури.
Критичарите на книжевноста расправаат дали одлуката за препораки за читање на публицистика наместо на фикција во американските средни училишта позитивно или негативно ќе се одрази на креирање на нови генерации на читатели.
Критичарката Наташа Варгас Купер неодамна поттикна незадоволство кај многу читатели, тврдејќи дека идејата за препорака на романи на учениците во средните училишта е лоша.
– Можеби романите не се најдобро средство за пренесување на идеи, големи теми и прашања, на хормонални, раздразливи и незрели тинејџери, на кои вниманието многу лесто се губи. Делата кои не се фикција, на пример книгите на Џон Кракер, Хантер С. Томсон и Џоан Дидион, ги сметам за прикладна форма за поттик на желбата за читање и пишување, како и вовлекување на младите умови во светот на книжевноста – смета таа.
Како аргумент го користи тоа, дека во времето кога одела во средно училиште не можела да ја сфати суптилноста на приказот на емоции на ликовите од романите и немала доволно искуство за идентификација со нив, па читањето всушност било површно.
Лаура Милер, колумнистка за Салон и авторка на книгата Скептичните авантури во Нарнија, се согласува со критичарката дека средношколците тешко можат да се поистоветат со ликови на пример од романот Гордост и предрасуди, но за неа романот Џејн Еир бил многу повеќе од обичен љубовен роман.
– Дури и во тоа време, романот ме воодушеви. Веднаш заклучив дека тоа е приказна за осамена презрена девојка без пријатели, која само со силата на карактерот успева да ја контролира својата судбина и да ги одбере своите патишта – вели Милер.
Варгас Купер, од друга страна, делумно ги обвинува несоодветните наставници во преполните и премалку финансираните установи, што погрешно ја насочувале и ја одвлекувале важноста за читање на фикции. Милер има поинаков став.
– Она што можело да делува позитивно на неа, можеби за мене било целосно промашена тактика и обратно. Книгите не се универзално наменети за сите видови на читатели, а успехот на педагогот во таа смисла се однесува на спој на добра книга со соодветен читател.
Современите родители вложуваат голем труд и ги пренесуваат своите фрустрации со страв дека нивното дете нема да го засака читањето, дека самиот чин на давање на книга во рака на детето, веќе станал стресен факт сам по себе.
Џоси Ливет, библиотекарка и блогерка за Паблиш Викли, неодамна напиша за 13 годишно девојче чија мајка практично плачела од фрустрации што не може ќерката да ја натера да чита, што и да и понудела. Откако разговарала со мајката за интересите на ќерката, Ливет сугерирала да проба со романот The Summer I Turned Pretty од Џени Хен.
– Само оставете го романот на маса и немојте ништо да сугерирате. Ако родителите сакаат детето да чита, не смеат да го форсираат. Мора на детето да се остави слобода самото да ја открие убавината на читањето. Дел од величественоста на читањето е токму слободата која ја пружа тоа доживување: влез во туѓи животи, фантазија, истражување на далечни светови и откривање на големи авантури. Идејата за читањето може да биде уживање – смета Ливет.
– Штета, иако некои родители можат да го искористат тој совет, целиот систем на едукација се движи во спротивна насока. Не постои ништо лошо во очекувањата средношколците да се научат на критичко читање на текстот, но фокусирањето на стандардизираните тестови е во спротивност со независноста и слободата која ја доживуваат луѓето кои сакаат да читаат – заклучи Милер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.