Daily news
Успешно 20. издание на Скопје филм фестивал
Вчера заврши годинешниот Скопје филм фестивал. За дваесетгодишниот јубилеј на публиката и’ донесовме исклучително богата програма и содржини во чии рамки понудивме повеќе од 75 филмови, работилници, гостувања на реномирани филмски имиња, првата македонска филмска ретроспектива на Стенли Кјубрик, а прв пат се одржа и програмата „Креираме заедно“.
„Скопје филм фестивал се отвори со „Реквием за госпоѓа Ј.“ филмот на режисерот Бојан Вулетиќ, кој годинава беше дел од официјалната програма „Панорама“ на 67.
Берлински филмски фестивал.. На свеченото отвоврање на Скопје филм фестивал пред публиката се поклони легендарната Мирјана Карановиќ која ја игра главната улога, режисерот и сценарист Вулетиќ, Ненад Дукиќ, главнот продуцент, Томи Салковски, македонскиот продуцент како и дел од филмската екипа.
Филмовите беа распоредени во осум програми: Гала, Програма на авторски филм, Панорама на светски филм, Македонска продукција, во која публиката ја виде најновата македонска филмска комедија во режија на Коле Ангеловски, „Ах љубов моја“, како и новите краткометражни филмови од продукцијата на „Круг“, „Ќе дојдат децата“ и „Чевли“ на режисерите Ана Јакимска и Бранко Костески.
Скопски филмски фестивал за својата публика подготви Ретроспектива на Стенли Кјубрик, што беше прва фестивалска ретроспектива на овој легендарен режисер во Македонија, а по тој повод специјален гостин на Фестивалот беше познатиот Јан Харлан, извршниот продуцент на филмовите на Кјубрик.
И годинава, фестивалската публика можеше да ги види најинтересните нови француски филмови во програмата Фокус на францускот филм, а во рамки на програмата на Краток филм беа прикажани 12 филмови од европска продукција и уште 13 краткометражни шпански филмови.
Скопје филм фестивал со големо задоволство ја реализираше и Детската програма „Креираме заедно“.
Скопје филм фестивал и Здружението за поддршка на деца и млади со различности „Сината птица“ од Скопје, годинава, преку програмата „Креираме заедно“, за прв пат ги вклучи децата со попреченост во креирањето на фестивалската програма, а во рамки на Детската програма понуди филмови наменети за сите деца кои се обидуваат да урнат табуа и стереотипи за луѓето со попреченост.
Во програмата учествуваа ученици со и без попреченост на возраст од 9 до 14 години од осум инклузивни училишта од Скопје, Тетово и Струмица кои во духот на самозастапување говореа за себе и својот свет преку работилниците за фотографија, видеозапис и ликовно решение за плакатот на детската програма. Креативните работилници ги водеа уметниците: Ване Костуранов (плакат), Наташа Гелевска (фотографија) и Јане Алтипармаков (видеозапис).
Проектот се имплементира со поддршка од Европската Унија, како дел од програмата „Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост во западен Балкан и Турција“, а е кофинансиран и спроведен од страна на УНИЦЕФ.
Во рамки на фестивалот, работилница за анимиран филм одржа Берин Тузлиќ, мултимедијален уметник од Сараево.
Гостин на фестивалот беше и селекторот на дел од фестивалската програма, Навид Сарин од Франција.
Им благодариме на Агенцијата за филм на Република Македонија, на нашите помагатели, на медиумските спонзори, на кината „Милениум“ и „Фросина“, на Кинотека на Македонија и најмногу на нашата публика со која ќе се видиме и на следното издание на фестивалот, се вели во информацијата на организаторот..крај/мф/кс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.