Daily news
Селмани: МПМ е свесно уништена – власта во заминување ги злоупотребува медиумите
Според него, случајот на уништување на МПМ е еклатантен пример за што служат медиумите во Македонија, поточно медиумите не постојат за информирање на граѓаните туку за политичка пропаганда на власта во заминување која остава пустош зад себе.
Она што загрижува во случајот со МПМ е тоа што има сериозни индиции дека компанијата свесно се уништува оставајќи без егзистенција стотина фамилии. Менаџментот и сопствениците молчат во врска со информациите во јавноста дека во август 2015, кога на новинарите им се намалувале платите до 20 отсто, на директорката Станисављева ѝ била понудена плата од 25000 евра, вели претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.
Според него, случајот на уништување на МПМ е еклатантен пример за што служат медиумите во Македонија, поточно медиумите не постојат за информирање на граѓаните туку за политичка пропаганда на власта во заминување која остава пустош зад себе.
-Медиумскот систем во Македонија е корумпиран, власта во спрега со сопствениците на медиумите ги злоупотребува медиумите, примерот на МПМ е само еден дел од тој мозаик на криминал и корупција што, веројатно, постои и во другите медиуми, вели Селмани.
Тој во име на Здружението на новинари го осуди однесувањето на менаџментот на МПМ, кој, како што кажа, не само што не успеа да ја спаси компанијата туку и се обидуваат да ги избегнат законските обврски за компензација на новинарите.
-Крајно време е сите да се освестиме и медиумите да бидат ослободени од овие валкани игри за останување или за доаѓање на власт, рече Селмани.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници исто така го осуди односот на менаџментот на МПМ со новинарите. Претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис, изјави дека мора да се стави крај на уништувањето на економскиот и социјалниот статус на новинарите.
Чаусидис информираше дека ССНМ и ЗНМ се во постапка за кривична пријава против менаџментот на МПМ за склучување договори кои не одат во прилог на новинската агенција и што е директна причина за пропаѓањето на компанијата.
-Информациите за МПМ кои излегоа во јавноста се сериозна индиција која подразбира кривично гонење и ние веќе сме во постапка за кривична пријава за вклучување штетни договори, злоупотреба на службената должност којашто свесно ја однесе фирмата во финансиски тешкотии, ги намали платите на новинарите и на крај дојде до затворање на печатените изданија на весниците и на оставање луѓе без работа, вели Чаусидис.
Според неа, злоупотребата на службена должност и свесното носење на фирмата во пропаст е нешто што не е дозволено според закон.
– Преку високи и штетни договори се извлекуваат парите од фирмата, МПМ според нашите сознанија последните две години работи со загуба. Во таква ситуација да склучувате договори на високи суми не значи ништо друго освен злоупотреба на службената положба, рече Чаусидис.
Синдикатот на новинарите и медиумските работници побара од институциите да влезат во МПМ и да истражат што точно се случува и за какви договори се работи.
– Ние имаме информации за она што е објавено веќе подолг период, но ништо не се случи. Очекуваме тоа сега да се промени и токму преку овој пример да запре јавашлукот и користењето на компаниите за извлекување пари и други криминални дејности, вели Чаусидис. крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.