Daily news
Обвинителството тврди дека не ја опструира истрагата – топката ја префрла на МВР
Јавното обвинителство во ниту еден момент не ја опструира истрагата и не ги попречува надлежните органи за документирањето на настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април, се вели во денешната реакција од Обвинителството.
Од оваа институција потсетуваат дека согласно Законот, Јавното обвинителство дава наредби за откривање на истите и ќе постапи секогаш по сите кривични пријави со кои се документирани потешки кривични дела. Секој кривично правен настан е посебен и не може да се повлекуваат паралели при постапувањето.
Како што информираат, Основното јавно обвинителство Скопје досега има примено кривични пријави од Министерството за внатрешни работи само против сторители осомничени за насилно влегување во Собранието на РМ и спречување на службени лица во вршење на својата функција.
„До овој момент од МВР не е поднесена документирана кривична пријава за ниту едно друго кривично дело.Потенцираме, Основното јавно обвинителство од МВР нема добиено кривична пријава против конкретни лица за сторени кривични дела, во смисла на нанесување лесни, тешки телесни повреди и други дејствија. Доколку МВР поднесе документирани пријави за потешки кривични дела и за сторители на потешки кривични дела, спрема нив ќе следуваат сразмерни мерки“, се вели во писмената реакција на Обвинителството.
Според нив, Јавното обвинителство и самото презема дејствија за документирање на целиот кривично-правен настан, иако со оглед на обемноста на бројот на претходно пријавени лица и дејствијата кои треба да се преземаат, генерално, обвинителството работи во отежнати услови.
Во врска со настанот во Собранието на Република Македонија, како што се наведува, до овој момент Јавното обвинителство има дадено десетици наредби за откривање на сторители на потешки кривични дела, но за нив МВР нема прибрано докази, истите не се документирани, ниту Обвинителството е известено за нивното постапување.
Од Обвинителството повторуваат дека Јавното обвинителство не ја опструира истрагата и појаснуваат дека во „откривањето на сторителите на кривичните дела, Јавното обвинителство е лимитирано, пред сè поради неусогласеноста на Законот за јавно обвинителство со Законот за кривична постапка што ги лимитира можностите за улогата на Јавното обвинителство во откривањето на криминалот.“ Оваа неусогласеност,како што тврдат, е по исклучива вина на Министерството за правда, кое во последните пет години не постапува по поднесен предлог на Јавното обвинителство за измена на Законот за јавно обвинителство со кој би биле овозможени претпоставките за постапување на Јавното обвинителство во смисла и на откривачка улога./крај/мф/гд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.