Daily news
СЈО бара да биде замрзнат имотот на ВМРО-ДПМНЕ
Специјалното јавно обвинителство отвори нов случај „Талир“, за нелегално финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, а во кој се осомничени 14 лица, меѓу кои претседателот на партијата, Никола Груевски, техничкиот премиер Емил Димитриев, Мартин Протоѓер, генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски и други…
На прес-конференцијата обвинителката Фатиме Фетаи рече дека првоосомничениот, претседател на партијата, овозможил партијата незаконски да се финансира во периодот од 2009 до 2015 година.
„Првоосомничениот како претседател на партијата ги знаел законите, тој овозможил финансирање спротивно на законските одредби. Мотивите биле од лична природа, за зацврстување на личната функција. Постои основано сомнение дека првоосомничениот незаконски се финансирал, не ги вратил парите кај лицата или во буџетот на РМ туку си ги задржал и овозможил комулирање на незаконски капитал за партијата. Тој сторил кривично дело злоупотреба на службената должност. Тој со цел да може да овозможи финансирање формирал група која се занимава со перење пари и овозможиле парите преку општинските комитети да бидат внесени во буџетот на партијата. Од 2009 до крајот на 2015 година преку готовински уплати биле внесени речиси 4.900.000 евра. Дел од осомничените ги пријавувале овие уплати како легални, а потоа незаконските пари ги преземале во име на партијата, а плаќале и преку жиро-сметката. Плаќале сметки, хотелски услуги, купување недвижен имот, 71 договор за недвижен имот од незаконски стекнатите средства. Дел од купениот имот не е за партиски цели и нема партиски обележја. 11 лица сториле кривично дело перење пари, 9 лица како директни извршители, двајца како помагачи. Ова не бил единствен начин. Првоосомничениот овозможил да бидат обезбедени услуги од ДГ Бетон АД Скопје, правно лице кое имало склучено договор за јавни набавки.За зградата на ВМРО-ДПМНЕ 424.733.242 денари, а 131.308.398 на сметка на ВМРО-ДПМНЕ. Бидејќи вршеле услуги од јавни набавки, не можеле да бидат инвеститори, со што првоосомничениот требало да одбие“, рече Фетаи.
Во истрагата вкучно се осомничени 14 лица, а како што рече обвинителката „оваа обемна истрага покажа дека иако ВМРО ДПМНЕ се покажувале како совесни, ја искористиле партијата и креирале мислење дека тие не вршеле криминал“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.