Daily news
Заев: Целта е сите партии кои се дел од парламентарното мнозинство, да бидат и дел од новата влада
Разговорите околу распределбите на ресорите течат и ставовит помеѓу партиите полека се приближуваат, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев по средбата на претседателот на ДУИ Али Ахмети, соопштуваат од СДСМ. Запрашан околу дали предлогот за формирање на влада ќе биде поднесен до Собранието во вторник, Заев рече дека „дури ни најголемите оптимисти не може тоа да очекуваат“.
„Знаете дека се пресериозни работите, многу ни е важен квалитетот на луѓето, а уште не сме ги отвориле имињата. Генерално рековме до каде има подготвеност околу ресорите, но целото тоа може да ни падне во вода ако се нема квалитетни кадри. Квалитетот е пред `се и мене ми е драго што сите потенцијални партнери во новото парламентарно или владино мнозинство му дават предност на квалитетот на кадрите.Тоа е најважниот дел. Нема сигурно да не успее коалиционата соработка и договор заради ресор повеќе или помалку. Многу се важни имињата. Ако има квалитетни имиња верувам дека тоа ќе ни помогне на сите за да конечно го заокружиме пакетот“, изјави Заев.
Тој додаде дека се преговара со сите албански партии и дека целта е сите партии кои се дел од парламентарното мнозинство, да бидат и дел од новата влада. „Ние разговараме со сите. Наша цел е сите 67 потписи коишто ги крепат партиите позади коишто стојат да бидат дел од новата Влада. Шансите се отворени кон сите политички партии, верувам и нивните шанси кон нас се отворени. Тоа е взаемно помеѓу сите партии. Моја желба е, како што реков, сите 67 пратеници да стојат зад новото парламентарно мнозинство“, рече Заев.
Лидерот на СДСМ ги наброи и принципите за функционирањето на новата влада, а меѓу нив се интеграција во ЕУ и НАТО, владеење на правото и враќање на правната држава. „Еве, само неколку ќе наговестам заради тоа што сеуште се пеглаат до крај сите. Европска Унија и НАТО, владеење на правото и враќање на правната држава, целосна реализација на Охридскиот рамковен договор, чесност, транспарентност и одговорност на власта, консензуалност во одлучувањето, меѓусебно градење на стратегијата на партнерите пред секои важни одлуки без разлика во Парламентот или во Владата, отчетност и дефинирање на едно општество важно за сите. Има таму уште неколку важни принципи, во тој правец се сите овие работи. Партиите мора да подлегнат на целосна законска проверка, на свое финансирање, нема заштита на ниту еден наш член ако сакаме да ја вратиме правната држава. Верувајте дека ако сега ги поставиме здравите темели, тоа што е важно за граѓаните, ќе ни биде од помош и на нас политичарите“, додаде Заев./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.