Daily news
Судијката за која СЈО побара разрешување одлучувала за имотот на ВМРО-ДПМНЕ
Една од судиите кои ја донесоа одлуката да не се замрзне имотот на ВМРО-ДПМНЕ е Елена Илиевска Јосифовиќ, за која СЈО кон крајот на март поднесе барање за разрешување до Советот за утврдување на факти, дознава Макфакс. Освен неа, против одлуката за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ бил и екс-претседателот на судот, Владимир Панчевски. И двајцата не се согласиле за барањето на СЈО да се стопира отуѓувањто на имотот на една од најбогатите партии во Европа. Според анализата на СКУП, вредноста на проценетиот имот на партијата предводена од Никола Груевски е над 60 милиони евра, која, како што се тврди, е многу побогата и од сестриската партија ЦДУ на Ангела Меркел, со над 93 имотни листови и вкупна површина од 330 илјади квадратни метри.
Специјалното јавно обвинителство до Кривичниот суд доставило вкупно 12 барања за замрзнување имот на 40 објекти на партијата, меѓу кои и седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, како и докази и финансиски анализи. Откако Јосифовиќ и Панчевски експресно одлучија да не донесат одлука за замрзнување на имотот, СЈО вложи жалба, а конечните одлуки ги донеле два кривични совета.
СЈО до Советот за утврдување факти поднесе барање за нестручно и несовесно постапување на четири судијки, меѓу кои и за Јосифовиќ. Според образложението на Катица Јанева, одлуката на судијката Јосифовиќ за мерка за обезбедување присуство во случајот „Трезор“ е нејасна и противречна бидејќи констатирала дека не постојат реални околности кои упатуваат на опасност од бегство, без да определи причина на која го темели заклучокот. „Освен тоа, судијката во одлуката ги посочува наведените околности кои се доведуваат во врска со личноста на осомничениот, како лице кое не е осудувано, иако ѝ било посочено дека осомничениот е повикан и во друг предмет“, напиша обвинителката Катица Јанева во претставката до Советот.
Дополнително, Јосифовиќ по претресот на домот на поранешниот директор на Петтата управа, Горан Грујовски, постапила по истекот на законските рокови, односно било одлучено дури 3 дена по поднесувањето на барањата за претрес, со што ја одложила судската постапка без законска основа.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, е првоосомничен во новиот предмет што го отвори Специјалното јавно обвинителство под кодното име „Талир“, а кој се однесува на незаконско финансирање на партијата, „перење“ пари, злоупотреба на службена положба и овластување.
В. Маглешов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.