Daily news
Граѓаните загрижени за последиците огнометот на “Про кредит банка“: Имаме дозвола, знаеме за последиците (ВИДЕО)
Со огномет на површина од околу 400 квадратни метри, во непосредна близина на кејот на Вардар,“Про кредит” банка и оваа година,ќе прослави една година од постоењето на филијалата. Граѓаните од населбата Карпош велат дека се засегнати и реагираат на ваквиот начин на прослава. Според нив, епилогот на минатогодишната прослава бил мртви птици и улични животни.Дел од граѓаните кои беа пред банката,велат дека се исплашени за нивните миленици и деца, бидејќи огнометот се организира во близина на детско и тениско игралиште.
“Како жител на општина Карпош навистина сум згрозен од ова што денеска се случува. Минатата година бевме сведоци на голем потрес на домашните миленици, а покрај нив и на оние миленици кои се без дом. Бевме сведоци на огромен огномет во времетраење на дваесетина минути каде на оваа површина имаше околу 100 мртви птици. Ова што денес се случува е навистина апсурдно. На 500 метри има голем број на експлозивни направи, како ова да е војна а не роденден. Ова може да биде навистина погубно, бидејќи животните претпуваат трауми, а лани имаше и смртност”, вели жителот на Карпош, Стефан Кирков.
Тие побарале одговори од надлежните на банката,за тоа колкав е габаритот на огнометот, но никој не излегол да им соопшти информации. Организаторите на прославта за Макфакс велат дека ги имаат сите потребни дозволи од надлежните институции. И покрај апелите што ги слушнале од жителите, сметаат дека имаат право да организираат прослава.
“Огнометот е сертифициран според ИСО стандарди и е увезен од Европска унија и нема да ја загади животната средина”, вели Емилија Коруновска , претставник од банката.
Според банката, огнометот ќе трае 20 минути, а истиот го организирале и државни институции, со што не штетел на никого. Тие имале чуено за последиците од минатата година, но бидејќи им е дозволено од надлежните институции, нема причина ништо да откажуваат. Граѓаните и натаму инсистираат огнометот да се откаже, а на еден од нив му било понудено кучињата да ги смести во пансион за потоа фактурата да ја подмирела банката, со цел да не кажува на другите за вечерните случувања.
Кристијан Ландов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.