Daily news
Портрет на новиот „раста“ министер за култура: Ќе го стопирам налудничавиот проект „Скопје 2014“
Развојниот пат и биографијата на новиот министер за култура, Роберт Алаѓозовски, во целост се посветени на културата, особено на издаваштвото и развојот на културните политики. Неретко јавно се огласуваше со свој коментар за каков било облик на репресија во државата, и е голем обожавач на рокенрол културата и јамајканската “раста“ идеологија. Во кусото интервју кое го даде за Макфакс вели дека приритетите ќе бидат стопирање на налудничавиот проект “Скопје 2014“, нов закон за заштита на културно наследство и департизација на институциите во културата.
-“Скопје 2014“ мораме веднаш да го запреме затоа што како од Пандорина кутија, секојдневно, во глуво доба и во црн мрак излегуваат нови кичести споменици, скулптури, пасажи, колонади коишто никому не му требаат, а кои прескапо ни ги наплаќаат, изјави за Макфакс Алаѓозовски.
Културното наследство. според него мора веднаш да се заштити затоа што секојдневно поради негрижа се оштетува и се губи.
-Во таа смисла ќе донесеме нов закон за заштита на културното наследство и ќе ја утврдиме приоритетната листа на споменици на кои им е потребна итна заштита. Веднаш ќе ја подобриме транспарентноста на Министерството и ќе направиме реформа на она што се нарекува Годишна програма за остварување на националниот интерес.
Бидејќи претходниот стратешки план на Министерството истекува годинава, ќе направиме сеопфатна анализа на неговата имплементација, воедно и анализа на целокупната состојба во културата, во институциите и тоа ќе биде база за утврдување на новата културна политика и приоритетите на новиот стратешки план. Ќе почнеме веднаш со развој на публика и на културна децентрализација, со цел да овозможиме секој граѓанин да го оствари правото на култура, вели Алаѓозовски.
Тој најавува ревизија во првите шест месеци на “Скопје 2014“.
-Ќе направиме сериозна анализа на тоа што е изградено, што е вградено, колкава му е вредноста, колку ќе чини одржувањето на тие згради и обележја. Ќе направиме меѓународна конференција за проектот со развој на идни сценарија што со него. Ќе бидеме внимателни со решенијата. Десетпати ќе мериме, еднаш ќе сечеме, по сеопфатна граѓанска дебата. Она што секако веднаш ќе го направиме е да извршиме деконтаминација на македонскиот дух од квазиидеологијата што овој проект ја еманираше и што сè уште ја држи земјата заробена како зла клетва на некој лош маѓепсник.
За себе вели дека е професионален и непартиски кадар.
-И тоа не е по исклучок, туку сме со намера да биде правило. И досегашните закони пропишуваа професионализација и департизација, но, за жал, беа изиграни. Ние ќе ги почитуваме законите и ќе имаме активна културна политика, во склад со општите владини политики за враќање на државата на граѓаните.
Алаѓозовски е основач и главен уредник во издавачката куќа „Готен“. Претседател и проектен директор во Здружението на граѓани „Есперанца светски културен центар“. Се занимава со менаџирање на интердисциплинарни проекти од областа на културата (Критичка култура, интеркултурна соработка, глобална мобилност).
Роден е во Струмица во 1973 година, оженет и татко на две деца. Член е на Друштвото на независни писатели на Македонија.
Матурирал во 1992 година во гимназијата „Јосип Броз Тито” во Скопје, во културолошка насока, со одличен успех.
Дипломирал во 1997 година на Катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје, со просек 9.03. Одбранил дипломска работа на тема: „Романот ‘Ние’ од Евгениј Замјатин во контекст на негативната утопија”.
Во 2002 година ја одбранил магистерска тема со наслов „Теориско-поетички аспекти на македонската постмодернистичка проза” на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје, а во 2006 година се стекнува со европска диплома по културен проектен менаџмент во организација на фондацијата „Марсел Хиктер“ од Брисел.
Од 2011 година е во подготовка на докторска теза од областа на културниот менаџмент на Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Скопје.
Од 2005 до 2014 година бил претседател на Европската мрежа на менаџери во културата „Оракл“ со седиште во Брисел.
Член е на педагошкиот тим на Европската диплома по културен проектен менаџмент со седиште во Брисел.
Исто така, бил член на уредувачкиот одбор на слисанието „Сараевски тетратки“.
Ана Василевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.