Daily news
Левица го поздравува крајот на авторитарното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски
Левица го поздравува крајот на авторитарното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски. Наместо да донесе позитивни промени во однос на состојбата пред 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ и нејзините партнери за време на своето владеење ги згазија слободата и демократијата и создавајќи „поволна бизнис клима“, ги влошија работничките права и го осиромашија народот.
„Новата влада пред себе ќе има важна и одговорна задача. Треба да ја врати и унапреди демократијата во земјата и треба да преземе мерки да ја подобри материјалната состојба на огромното мнозинство граѓани што осиромашија во периодот од стекнувањето на независноста до денес.
Таа не смее да го користи начинот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ како дозвола или изговор за да владее на ист или сличен начин. Не смее ниту да владее на оној начин како што владееше до 2006 година. Затоа што и тогаш се спроведуваа мерки што доведоа до осиромашување на народот и незадоволително ниво на демократија.
Левица очекува од новата влада да стави крај на корупцијата и клиентелизмот. Не смее да ја продолжи практиката на поставување на „заслужни партиски кадри“на раководни функции и наместо тоа пополнувањето на раководните функции треба да го врши преку распишување конкурси на кои ќе бидат избрани најквалификуваните кандидати, без разлика дали се членови на партии или не. Во обратен случај, ќе се сфати дека борбата против режимот за некои не беше борба за демократија туку борба за фотелји.
Левица ќе ги поздрави оние мерки на новата влада кои ќе значат подобрување на животниот стандард на обичниот народ и кои ќе ја унапредат демократијата. Но, Левица ќе ги критикува мерките што нема да го овозможуваат тоа, мерките кои ќе претставуваат празна фасада за замајување на јавноста, како и отстапувањето во практиката од прокламираните принципи.
Во врска со кадровското екипирање на владата, Левица изразува големо незадоволство поради продолжувањето со старата практика на поставување претставник на крупниот капитал за вицепремиер за економски прашања.
Ваквото отворено зафаќање на страната на капиталот наместо на трудот не влева надеж дека ќе се води политика во корист на обичниот народ, а не на бизнис елитата. Исто така, Левица го осудува назначувањето на преголем број министри без ресор. Во тоа Левица гледа и најава дека и при пополнувањето на раководните функции во институциите ќе се врши распределба по партиска припадност наместо преку конкурс да се утврдат најквалификуваните кандидати“, се наведува во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.