Партијата ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста тврди дека не постигнале никаков договор со ДУИ и дека сите обиди за пласирање на лажни вести што прифатило ДУИ, а што прифатило ВМРО-ДПМНЕ во текот на преговорите биле обична манипулација.
– Тоа што ја интересира јавноста е што ќе реализира новото парламентарно мнозинство и како ќе се спроведе балансот меѓу гаранциите кои ги потпиша Зоран Заев кај Претседателот Иванов и Тиранската Платформа со која што партиите на Албанците ја условуваа својата поддршка за идната владина коалиција. Добро е што под притисок на 80 дневните најмасовни граѓански протести и под политички притисок на ВМРО-ДПМНЕ, СДС ретерираше и Заев јавно се обврза дека нема да реализира туѓи платформи. Добро е тоа што ДУИ воочи колку е штетна имплементацијата на Тиранската Платформа и призна дека поголемиот дел од неа нема да влезе во владината програма, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата која ја води Никола Груевски смета дека СДСМ се обидувал преку медиуми кои ги контролирале да објавуваат лажни вести дека ВМРО-ДПМНЕ прифатило целосна двојазичност, со цел да ја дефокусираат јавноста од својата сопствена деструктивна политика и антидржавничко однесување.
– ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш најостро демантира дека прифатила двојазичност на целата територијата на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ се спротистави и ќе продолжи да се спротиставува Република Македонија да се редефинира во бинационална држава. ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати го соопшти сопствениот став дека нема никакви дилеми околу унапредување на индивидуалните права и проширување на опсегот на употреба на јазиците кои ги говорат 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа. ВМРО-ДПМНЕ ниту прифатила, ниту ќе прифати целосна двојазичност на територија на Република Македонија, бидејќи, тоа е антиуставно, практично непотребно и со ништо не придонесува за зголемување на општествената благосостојба на граѓаните, тврди партијата во своето соопштение.