Daily news
Се троши „лентата“ од снимањето на правното сценарио за фестивалот „Браќа Манаки“
Од канцеларијата на адвокатот Пепељуговски, која го застапува Друштвото на филмски работници, добивме документ кој е документ до Агенцијата за филм и Министерството за култура, во кое се оспорува легитимноста на „Центарот за филм“ и неговото право за користење на трговската марка и преземање на фестивалот за филмска камера „Браќа Манаки“.
Агенцијата за филм и натаму се однесува како мандатор, кој не сака да ја даде поддршката на единствениот легитимен апликант за организација на Интернационалниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“. Наводно спорната одлука настанала поради второто здружение кое годинава конкурираше за организатор на високо реномираниот фестивал кој 37 години го организира Друштвото на филмски работници.
Имено, Димитар Николов, претседател на Цантарот за филм, кој регистрирал здружение со иста трговска марка „Браќа Манаки“, прави притисок да го преземе фестивалот, а во дописот што пред неколку дена го испрати до медиумите тој вели „ИФФК „Браќа Манаки“ е на градот Битола. Од пред извесно време и фактички и формално. Тоа е причина што на ДФРМ некој не може тукутака да им даде пари да го организираат, па имале тие замислен датум за негов почеток или не“.
Од канцеларијата на адвокатот Пепељуговски, која го застапува Друштвото на филмски работници, е испратен документ до Агенцијата за филм и Министерството за култура, во кое се оспорува легитимноста на „Центарот за филм“ и неговото право за користење на трговската марка.
„Ќе докажеме дека лицето Николовски, со помош на градоначалникот на Битола, кој во случајов ја злоупотребил службената положба, незаконски конкуриралево Агенцијата за филм поднела пријава и спротивно на законските одредби регистрирала трговска марка со истото име, односно Интернационален фестивал на филмската камера ‘Браќа Манаки’ -Битола. Нема законско право да ја користи таа марка бидејќи потребен е договор за лиценца“, образложува Роберт Насков, претседател на ДФРМ.
По неколку обиди на Макфакс да зборува со градоначалникот на Битола, Владимир Талевски, во врска со овој спор, добивме писмен одговор во кој се вели „ Општината никому не дала право за користење на трговската марка ИФФК ‘Браќа Манаки’ и не е точно дека Здружението ДФРМ е основач и единствено има право да го организира фестивалот“.
Како што дознава Макфакс, директорката на Агенцијата за филм го свикала Советот при оваа институција, но и натаму не донеле одлука за поддршка на фестивалот.
„Неспорен е фактот за досегашното долгогодишно организирање на фестивалот ИФФК ‘Браќа Манаки’ од страна на ДФРМ, чиј постојан партнер е Општина Битола. Согласно конкурсот, апликантите ја имаат доставено потребната документација, но Агенцијата за филм не смее да го занемари фактот дека постои и решение од Државниот завод за индустриска сопственост на правото на трговска марка – ИФФК Браќа Манаки – Битола“.
Минатата година Друштвото на филмски работници за исклучително кратко време го подготви фестивалот, и за директор го назначи долгогодишниот селектор на програмата Благоја Куновски-Доре. По неуспешното раководење на фестивалот од страна на Димитар Николповски-Таки, фестивалот беше подготвен професионално за кратко време.
На прес-конференцијата минатата недела беше објавен и добитникот на Златната камера 300 за животно дело, на снимателот на филмовите на Федерико Фелини.
Во дописот испратен од адвокатот Пепељуговски до надлежните институции меѓу другото пишува „Согласно Законот за индустриска сопственост, трето лице може законски да користи туѓа трговска марка само ако има склучено договор во писмена форма. Исклучивото право на носителот на трговската марка го опфаќа правото на користење, на располагање, правото на надоместок и правото да забрани на трети лица неовластено користење во случаите и на начин што се предвидени, со меѓународни договори и конвенции, согласно Законот за индустриска сопственост“.
Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, изјави дека итно ќе го разгледа овој спор и нема да дозволи какви било паралелни асоцијации да го урнат реномето на фестивалот.
А. Василевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.