Daily news
Белградската елита воодушевена од македонската гастрономија и вината на „Стоби“
Македонската традиционална храна и врвните вина на винаријата „Стоби“ изминатиот месец беа единственото нешто што можеше да се најде на менито на елитниот ресторан „Ковач“ во Белград . Во овој ресторан, од 8 до 22 мај се одржуваше манифестацијата „Денови на македонската традиција“ преку која се промовираа храната од земјава и најквалитетните вина од Македонија. Домаќин на оваа традиционална манифестација годинава беше винаријата „Стоби“ во соработка со познатиот белградски ресторан.
Манифестацијата „Денови на македонската традиција“ во Белград привлече бројни гости, љубители на македонските вина и храна. Голем број амбасадори, пејачи, актери, бизнисмени, политичари, книжевници беа само дел од посетителите на ресторанот „Ковач“ кои уживаа во гастрономските специјалитети на познатиот македонски шеф Влатко Огненовски, кого винаријата „Стоби“ специјално го ангажираше за да го осмисли менито за целиот настан. На менито во ресторанот „Ковач“ минатиот месец најактуелни беа различни македонски деликатеси како пинџур, галичко сирење, питулици со праз, модерно тавче гравче, охридски сарми, зајак во сос од дојрански маслинки, кочански ориз со нане, модерна македонска салата, приготвени од Огненовски. Извонредната храна беше дополнета со врвните вина на „Стоби“, меѓу кои се и вината од ексклузивната линија Приватна резерва (Private Reserve) кои се закитија со највисоки признанија на повеќе натпревари низ светот.
Хедонистичкото патување низ македонската традиција почна на свеченото отворање на 8 мај, кога ВИП гостите, освен во вкусната храна и премиум вината на „Стоби“, уживаа и во изворната музика во изведба на македонската група „Љубојна“. Манифестацијата свечено ја отвори амбасадорката на Македонија во Србија, Вера Јовановска – Типко, која нагласи дека ништо не го отсликува толку добро духот на Македонија како нејзините вина, храна и музика.
Од винаријата „Стоби“ се многу задоволни од одзивот и интересот на жителите на Белград за „Деновите на македонската традиција“, како и од бројните позитивни коментари што ги добиваат за нивните вина.
– Манифестацијата наиде на многу голем одзив, а задоволството и воодушевувањето на посетителите во ресторанот беше огромно. Добиваме многу пофалби и прекрасни зборови за целата организација, што ни докажува дека сме го избрале вистинскиот начин за да ја промовираме македонската традиција во Србија. Среќни сме што имаме можност на луѓето во Србија, но и на многубројните странци кои престојуваат во земјата да им ја приближиме македонската гастрономија збогатена со врвните вина од нашите линии – вели Ана Јорданова, главен вински уредник во винаријата „Стоби“.
Со промоцијата на вината на „Стоби“ од линијата Приватна резерва (Private Reserve) на „Денови на македонската традиција“ продолжува успешната регионална презентација на премиум линијата која се одвиваше во ноември минатата година. Доказ за успешната регионална промоција на вината од оваа линија се двата сребрени и двата бронзени медали кои неодамна ги освои „Стоби“ на Балканскиот интернационален вински фестивал во Софија. Со сребрен медал се закитија вината од линијата Приватна резерва „Вердо“ 2012 – 100 % Вердо барик и „Аксиос“ 2013 – 100% Сирак барик, додека бронзен медал добија вината „Веритас“ 2013 – 100% Вранец барик од линијата Приватна резерва и „Класик Р’кацители“ 2016 – 100% Р’кацители.
Со успешното претставување на премиум вината и во другите земји, „Стоби“ ја зајакнува својата позиција во регионот како една од водечките винарии кои доаѓаат од Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.