Daily news
Хуманитарна забава за скопската Зоолошка градина во клубот Сектор 909
На забавата ќе настапат препознатливи македонски артисти како Гоце САФ, Соња Исмаил, Дарко Марковски и Кантон 6 (Мирко Попов и Синиша Евтимов).
В среда, на 21 јуни, летниот ноќен клуб „Сектор 909“ по две години пауза, повторно ќе ги отвори вратите за својата публика. Оваа ноќна забава традиционално ќе има хуманитарен карактер, како и претходните отворања на летниот клуб.
Имено, собраните средства од хуманитарната забава ќе бидат наменети за скопската Зоолошка градина. Пред 5 години, клубот Сектор 909 на Зоолошката градина ѝ го донираше пони коњчето Флекица, дресирано за помош и релаксација на деца со аутизам, кое исто така можат да го јаваат сите деца кои ќе посакаат. Веќе следната година клубот успеа да собере средства и да донира комплетна опрема за децата да можат да уживаат заедно со Флекица.
Ова е трето отворањето на летниот клуб, кој се наоѓа на старата локација, под скопското Кале. За потребите на Сектор 909 изграден е за првпат изолационен ѕид за акустична заштита, извршени се посебни мерења за децибелажа и специјална звучна бариера, со други зборови од полноќната музика ќе бидат заштитени сите засегнати од непосредната околина.
На хуманитарната забава, чиј влез чини 150 денари ќе настапат препознатливи македонски артисти како Гоце САФ, Соња Исмаил, Дарко Марковски и Кантон 6 (Мирко Попов и Синиша Евтимов).
Веќе в четрток закажана е забава со диџеј Чваре и „Nonaduzz“. В петок ќе настапат Маци и Узун Баба, а веќе в сабота ќе настапи и првиот гостин од странство за оваа летна сезона, Такаси Накајима/Дифрент ворлд од Јапонија, со локална поддршка од Самоил Радински од Логос рекордс. Јапонецот Такаси Накајима, кој со музичка продукција и диџејство се занимава уште од 1994 година, ги има едни од најпрефинетите и најразлични колекции на музика во Јапонија, пуштајќи музика од техно, хаус, даб до хип-хоп, фанк, соул, џез или која било црнечка музика.
Сектор 909 ветува одлична забава во летните полноќни часови оваа сезона, но над сè вонредно квалитетен звук и светло, кое досега не се запаметени во историјата на скопскиот ноќен живот.
Хуманоста на дело, подигнувањето на свеста на македонската публика за поддршката на Зоолошката градина во моментов е неопходна и многу важна, затоа ајде да го направиме ова лето незаборавно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.