Македонија
Ахмети: Груевски ме предупреди дека ќе ми врати
Декларацијата на политички партии на Албанците не е дел од историјата, изјави шефот на ДУИ, Али Ахмети. Според него, по празникот Бајрам коалициските партии ќе се состанат повторно и наскоро во Собранието ќе се најде новиот Закон за албански јазик.
„Прашањето за јазикот е дел од договорот за коалицијата. Само прашање на време е кога ќе биде во собраниска процедура за гласање. “ – уверуваше Ахмети. Запрашан дали тоа ќе се случи пред локалните избори, Ахмети не даде конкретни рокови.
„Не ме држете за збор, тоа е дел од агендата.“ – одговори Ахмети.
Во интервју за емисијата „Патот кон…“ Ахмети зборуваше за распоредувањето на ресорите со коалицискиот партнер. Тој рече дека прашањето на јавниот обвинител и понатаму останува отворено и дека не е време Управата за безбедност и контраразузнавање да ја раководи Албанец. Ахмети призна дека овој владин мандат е тежок поради бројките, но рече дека ќе успее благодарение на помошта од меѓународната заедница. Меѓу другото, Ахмети рече дека одлуката за коалиција со СДСМ не била наметната и дека за ова самиот го известил лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски. По ова, Груевски му рекол дека ќе му се одмазди.
„Рече вие како ДУИ, тоа што ми направивте во периодот 2006 – 2007 година на истиот начин ќе ви вратам. Се знае какви беа реакциите на ДУИ во периодот 2006 –2007 кога неправедно остана надвор застапувањето на албанскиот електорат, волјата на албанското мнозинство во Република Македонија.“ – изјави Ахмети, објаснувајќи дека тоа сепак не била закана туку предупредување.
Ахмети ја отфрли секоја можност за тајни политички договори со СЈО, одговарајќи на обвиненијата дека СЈО има селективен пристап кон претставниците на ДУИ. Тој рече дека нема да амнестира ниту ќе ги заштити функционерите на неговата партија доколку ја злоупотребиле дадената доверба. Исто така ги отфрли тврдењата за тајни коалиции со лидерот на ДПА, Мендух Тачи, со образложение дека тема на дискусија на последниот состанок бил Договорот од Пржино.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради сообраќајка во прекин сообраќајот на патот Битола-Државна граница со Грција
Во 20:00 часот на крак А-3 Битола – Државна Граница со Р.Грција во близина на крстосница за с.Бистрица и с.Оптичари, случена е сообраќајна незгода, поради што сообраќајот на патниот правец Битола – Држ. граница е во прекин и истиот ќе се пренасочи низ.с.Бистрица и с.Породин соопшти АМСМ.
Македонија
Сиљановска-Давкова со Ахмет бин Мохамед Ал Џарван: мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ахмет бин Мохамед Ал Џарван, претседател на „Глобалниот совет за толеранција и мир“, во придружба на неговите соработници.
Информирајќи дека семејството на пријателите на „Глобалниот совет“ постојано се проширува, Ал Џарван потенцираше дека стотина парламенти, ширум светот, потпишале меморандуми за соработка со оваа препознатлива и почитувана институција.
Тој, во парламентарната демократија и во меѓукултурниот дијалог препознава мировни механизми за промоција и гаранција на мирот и толеранцијата на сите нивоа и во сите средини.
Претседателката ја поздрави хуманата мисија на Глобалниот совет, истакнувајќи дека е добредојдена и делотворна во амбиент на сериозни безбедносни закани.
За неа, Меморандумот за соработка, којшто деновиве го потпиша Глобалниот совет со македонското собрание е чекор напред во одбраната и поттикнувањето на хуманите цели на човештвото, без оглед на разликите по било кој основ.
Таа особено се радува на потпишаниот договор за стипендии на студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“, нејзината матична институција, како охрабрувачки за најдобрите студенти, но и оние со лоша материјална положба и неопходна потреба од финансиска помош.
За соговорниците, мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија, развој и просперитет во национални, регионални и меѓународни рамки.
Македонија
(Видео) Во Ресенско поплавени над 50 куќи, магацински простори и земјоделско земјиште, состојбата се следи во сите засегнати региони, соопшти ЦУК
Поради обилните врнежи, на подрачјето на Општина Ресен дошло до излевање на Болнска и Источка река во селата Царев Двор и Дрмени, при што се поплавени над 50 куќи, магацински простори, визби и земјоделско земјиште, соопшти Центарот за управување со кризи.
„Поплави се евидентирани и кај с. Долна Бела Црква од излевањето на Голема Река, чиј моментален водостој изнесува 210 см.
Ангажирани се екипи на јавните претпријатија, „Македонија пат“, ЈКП „Пролетер“, како и приватни машини – вкупно 7 пумпи за испумпување вода и повеќе багери за расчистување и интервенции. Во населбата Црквиште се користат сите расположливи пумпи за санација на поплавените објекти.
ЈП “Македонија пат“ информира дека на повеќе делници има наноси од земја, кои се расчистуваат по приоритет“.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, нагласуваат од ЦУК, е во постојана координација со градоначалниците на засегнатите општини.
„Поради обилните врнежи во повеќе региони низ државата се зголемени водостоите на реките, а има и поплавени терени, подруми и земјоделски површини. На терен се ангажирани екипи на јавните претпријатија, механизација и приватни компании за испумпување вода, расчистување и интервенции.
Состојбата, според ЦУК се следи во сите засегнати региони: Ресен, Битола, Демир Хисар, Охрид, Крива Паланка и околината.
„Дежурни екипи остануваат на терен и во текот на ноќта, а Центарот за управување со кризи будно ја следи состојбата и за понатамошни интервенции“.
Фото: принтскрин

