Daily news
Охрид пулсира со летна раздвиженост: туристи, фолклористи, хористи, концерти, фестивали…
Туристичкото лето во Охрид, првиот македонски туристички, но и летен културен центар, пулсира со сета раздвиженост, а не само календарски.
Градот постепено се полни со гости, особено викендов плажите се преполни, за што погодува исклучително топлото време, но и пријатната за капење температура на водата во Охридското Езеро.
Навечер, врие од шетачи, сите летни бавчи се полни, шеталиштата исто така, езерските води ги параат бројни катамерани и други пловила, на задоволство на бројните гости, кои не заминуваат без да го видат старото градско јадро и од внатрешната-езерска перспектива.
Она што е посебно за бележливо во Охрид, оваа и минатите години, е што имаме бројни фолклорни или хорски фестивали, речиси секој викенд. На шеталиштето, плоштадот, низ градската чаршија забележлива е шареноликоста од бои, носии, традиции..
Посебна колоритност на крајбрежјето, околу пристаништето и шеталиштето му даваат бројните учесници на културни манифестации. Само што заврши, Меѓународниот хорски и фолклорен фестивал „Охридски бисер“, на кој учествуваа 450 уметници, играорци и хористи од Турција, Бугарија, Србија, Албанија, Германија, Полска и други земји.
Некои за првпат, некои веќе биле во бисерот на Балканот. Со дел од нив со кои успеавме да поразговараме ни рекоа дека ваквите настани се одлични пред се` од аспект на дружењето и склопување на нови пријателства.
Синоќа многумина од Охрид, особено гости, се упатија во импресивниот амбиент на населбата Вевчани, под сенките на планината Јабланица, на забава и дружење со Тереза Кесовија.
Викендов, исто така, за прв пат се музицираше под акустичните сводиви на катедралната црква „Св.Софија“, каде целовечерен концерт имаше младата флејтистка, охриѓанката Тамара Џајковска, во пијано придружба на Доминика Робе, а со изведби на дела од Рајнике, Ибер, Телеман, Чајковски, Кларк…
Вo Охрид, во тек е фестивалот „Словенија во Охрид 2017 година“, кој трае се до 27 јуни. Се одржува по втор пат и преминува во една традиција во која меѓу другото се одбележува и денот на Република Словенија.
За него, за прв пат летово, беше отворена импресивната летната сцена на Долни, каде во саботата вечерта, на отворањето се обрати амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија Милан Јанзбец .Словенија, во Охрид има и свој почесен конзулат.
Концертниот дел го исполни Зоран Предин со најпознатата словенечка група Лачни Франс, по што групата настапи со изведби на повеќе локации низ градот.
Почнаа и бројни манифестации на книжевен план, а во Галеријата на “Куќата на Робевци”, континуирано, секоја недела, се одржуваат ликовни изложби.
Синоќа, во култното кафуле – Terazza Aquarius, беше промовирана најновата книга на авторката Ана Бунтеска, член на ДПМ, насловена: „Да му се насмееш на животот“.
Бунтеска има објавено две книги поезија: „Стави лајк на сопствениот живот“ и „Колку е потребно за среќа“. За оваа стихозбирка, Бунтеска е добитник на традиционалната награда Македонска книжевна авангарда, која ја доделува Фондацијатата за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент од Скопје.
Долгото охридско културно лето, ќе влезе во својот зенит, во првата недела на следниот месец, кога, од 6-ти до 9-ти јули, година ќе се одржи 56-то издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри, најстарата фолклорна манифестација на Балканот, застапена и во Каталогот на ИОВ – најзначајни фолкорни манифестации во светот.
Во изминативе години на Балканскиот фестивал се презентирани околу 50.000 пејачи, играорци и инструменталисти од Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Романија, Унгарија, Австрија, Италија, Турција, Кипар, како и од Франција, Шпанија, Холандија, Германија, Русија, Молдавија, Полска, Чешка, Словачка, Белгија, Шведска, Данска, Финска, Велика Британија, Австралија, САД, Канада, Мексико Малезија, Коста Рика, Нигерија и други земји.
Конечно, на 12 јули, традиционално на Петровден, ќе биде отворен свечено и Мегународниот музичко-сценски фестивал “Охридско лето”, нашата најзначајна културна манифестација, македонскиот прозорец кон светот – и од светот кон нас.
Веле Митановски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.