Daily news
Како да ги препознаете вистинските пријатели?

Вистинските пријатели се препознаваат во тешки времиња, а не во среќни моменти. Оваа мисла се докажала и во животот бидејќи само на тој начин можеме да видиме кој е со нас со целото свое срце и на кого навистина можеме да се потпреме. Пријателите кои не нè напуштаат кога ни е најтешко можеби не се бројни, но без сомнение се вистински.
Многупати сме погрешиле во нашите проценки, и оние кои сме ги сметале за најблиски се покажало дека не се. Со нив можеби имаме заеднички интереси, сме поминале убави мигови, но во тешките времиња, сепак, остануваме сами. Во таквите моменти треба да се потсетиме што значи вистинско пријателство и како можеме да ги препознаеме луѓето кои навистина заслужуваат да ги наречеме пријатели.
ВИСТИНСКИТЕ ПРИЈАТЕЛИ НИКОГАШ НЕМА ДА ГИ СУДАТ ТВОИТЕ ПОСТАПКИ
Сите ние имаме свои мислења и ставови, но вистинските пријатели никогаш нема да ги судат твоите ставови и постапки. Пријателството подразбира прифаќање на другите онакви какви што се. Иако многупати грешиме, нашите пријатели секогаш треба да го видат најдоброто во нас, дури и кога не сме се покажале во најдобро светло.
ВИСТИНСКИТЕ ПРИЈАТЕЛИ НЕ ГИ ИНТЕРЕСИРА ШТО МИСЛАТ ДРУГИТЕ ЗА ТЕБЕ
Без оглед на сè, никогаш не може да им се допаѓаме на сите. Мислењето на другите не смее да ни биде најважно. На оние кои нè познаваат и кои нè сакаат онакви какви што сме, нема да им биде важно туѓото мислење.
СЕКОГАШ МОЖЕТЕ ДА СЕ ПОТПРЕТЕ НА НИВ
Понекогаш ќе ги побараме доцна во ноќта за да поразговараме за своите проблеми, а кога ни се чини дека целиот свет е против нас и ништо не ни поаѓа од рака, тие ќе ни пружат „рамо за плачење“. Што е уште поважно, ќе ни подадат рака за да станеме.
ВИСТИНСКИТЕ ПРИЈАТЕЛИ СЕ РАДУВААТ НА НАШИТЕ УСПЕСИ
Покрај нас се кога ни е тешко, но и кога сме среќни поради новиот дечко или поради тоа што сме го положиле најтешкиот испит. Убавите нешта кои ни ги носи животот се уште поубави кога имаме со кого да ги поделиме.
Никогаш не заборавајте:
Вистинските пријатели секогаш ви го чуваат грбот.
Вистинските пријатели секогаш се тука за да се смеете заедно.
Вистинските пријатели никогаш не ве забораваат.
Вистинските пријатели зад грб ви зборуваат само убави нешта.
Вистинското пријателство не е нешто големo, туку милион мали нешта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Бислимовски – Лорковски: Реформите во енергетиката мора да продолжат

Претседателот Марко Бислимовски, заедно со членовите и раководителите на секторите на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) остварија средба со Артур Лорковски, директорот на Енергетската заедница.
Реформите во енергетиката мора да продолжат, континуитетот е клучен – фокусот да се задржи на активностите поврзани со интегрирање на пазарите за електрична енергија, нивна транспарентност и интегритет, како и неопходните реформи на пазарот со природен гас, што ќе обезбедат фер пристап за сите учесници, согласно новите европски мрежни правила – се сложија соговорниците.
Претседателот Бислимоски му се заблагодари на директорот Лорковски за позитивниот наратив за работата на РКЕ при презентацијата на Извештајот за имплементација на законодавството на Енергетската Заедница за 2024 година за државава во Собранието.
„Во очекување на новиот Закон за енергетика, РКЕ во соработка со Министерството за енергетика континуирано работи на подготовка за имплементација на новиот енергетски пакет. Интегрираниот пристап помеѓу сите чинители досега покажа дека е клучен за квалитетна и успешна регулатива, која ќе биде основа за развој на енергетските пазари . Капацитетите со кои располагаме, професионалниот тим кој се гради со години наназад и овој пат може да одговори на сите предизвици кои претстојат. “ изјава Марко Бислимоски, претседател на РКЕ
Лорковски посочи дека Енергетска Заедница ќе остане партнер во понатамошните процеси и дека стојат на располагање за поддршка во делот на креирање на подзаконските акти, откако ќе се донесе новиот закон за енергетика. Процесот на транспонирање на ЕУ правилата е клучно за да осигура работата на РКЕ за стратешките прашања поврзани со обезбедување на сигурна, стабилна и континуирана испорака на енергија.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него

Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото

Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.