Daily news
(ВИДЕО) Александар Михајлоски: Белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ е малер за членовите на партијата
Александар Михајлоски, координаторот на Републичкиот штаб за реформи во ВМРО-ДПМНЕ во гостувањето во Дневникот на ТВ 24 изјави дека сите членови на ВМРО-ДПМНЕ се емотивно врзани за старата жолта зграда, каде беше седиштето на партијата, бидејќи таму партијата тогаш ги добивала сите изборни циклуси. Михајлоски вели „Членовите на ВМРО-ДПМНЕ не ја чувствуваат новата зграда на ВМРО-ДПМНЕ како своја“. „Тоа не е вистинска слика за вмровците“, додава Михајлоски.
ВМРО-ДПМНЕ го прифати СЈО со потпишувањето на Договорот од Пржино, рече Михајлоски. „Кога се одлучува да се оформи СЈО, се добива впечаток дека постои атак врз ВМРО-ДПМНЕ“, вели координаторот на Републичкиот штаб, во интервјуто за ТВ 24.
-Прислушуваните разговори беа предадени од лидер на една политичка партија и претпоставуваме дека е можно да се случи да постои филтрација и да се предадени само материјали кои се однесуваат на носители на функции само на друга политичка партија. Од тука, се добива впечаток како да постои атак на СЈО кон ВМРО-ДПМНЕ, рече Михајлоски.
За да се реши овој проблем, Михајлоски предлага проширен мандат на СЈО, не само за прислушуваните материјали туку за сите партии и за сите носители на јавни функции. Координаторот на Штабот за реформи во ВМРО-ДПМНЕ изјави дека е против мерката притвор, во однос на неопределувањето мерки на присуство за обвинетите од СЈО. Тој побара да се овозможи фер судење на обвинетите. Преку демократизација на партијата, треба да се спроведе демократизација на општеството, изјави Михајлоски.
„27 април не смееше да ѝ се случи на Македонија“, вели Михајлоски. „Партија-победник на изборите е надвор од власта“, тврди тој и додава дека ВМРО-ДПМНЕ е во многу тешка позиција и внатрешно и надворешно.
Се одбиваат промени во партијата, вели Михајлоски и тврди дека ВМРО-ДПМНЕ ја раководи претседателот Никола Груевски со советниците на партијата. Никој не може да му се спротивстави на Груевски во партијата при носењето на одлуките, тврди Михајлоски. „Имаме поддршка од 90% од членството“, вели Михајлоски.
Михајлоски ги нарече лага прозивките на пратеникот Антонијо Милошоски дека причините за барањата за реформи се губењето на услугите, кои Михајлоски ги добивал додека ВМРО-ДПМНЕ бил на власт. Тој кажа дека имал позната и успешна адвокатска канцеларија уште од времето на СДСМ па во сите мандати на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.