Daily news
Иванов се сретна со Нимиц – прв тест за кохабитацијата со новата влада

Претседателот Ѓорге Иванов, по координативниот состанок на државниот врв, на кој присуствуваа и премиерот Зоран Заев, министерите Никола Димитров и Бујар Османи, како и преговарачот за спорот за името Васко Наумовски, оствари средба со медијаторот на ОН, Метју Нимиц.
Активностите утре Нимиц ќе ги почне со средба со премиерот Зоран Заев, а потоа со министерот Никола Димитров и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Последната средба ќе се одржи во Собранието, при што е можно да има уште една средба, со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, со кого Нимиц побарал да се види, но сè уште не добил одговор.
На дилемата зошто за првпат Нимиц во агендата вклучува и средба со Али Ахмети, објаснувањето е дека настојувањето на новата влада е да обезбеди консензус околу спорот за името со Грција и дека тоа ја вклучува потребата сите партии, па и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, да бидат информирани за разговорите со Нимиц.
Инаку, на средбата на Нимиц со Иванов била разгледана актуелната состојба во разговорите за надминување на ова прашање, при што според соопштението, Иванов ја поздравил конструктивноста и фокусираноста на мерките за градење доверба меѓу двете држави и повикал на нивно проширување и внесување нови содржини.
„Македонскиот претседател порача дека Македонија и натаму ќе учествува во процесот што се води под покровителство на Обединетите нации и истакна дека е потребно да се создаде позитивен амбиент со цел подобро разбирање и почитување.
Македонската страна со години наназад дава континуиран придонес и иницијативи во насока на градењето доверба меѓу двете држави и двете општества. Неопходно е да се даде дополнителен импулс од двете страни во надминување на ова прашање, кое има суштинско значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион“, истакнал претседателот на средбата со Нимиц.
Претседателот Иванов истакна дека во процесот што се води во рамки на Обединетите нации, неопходно е стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите – резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Во таа насока, претседателот Иванов ја потенцираше потребата од почитување на меѓународното право и доследност кон меѓународно преземените обврски“, стои во соопштението од средбата.
Ова е првпат претседателот Иванов да го прими Нимиц откако има нова влада во Македонија која праќа помирливи тонови кон Грција и најавува пофлексибилен однос кон договорот со Бугарија. Иванов со години својот рејтинг и имиџ на национален заштитник ги билдаше токму со критички изјави кон меѓународната заедница околу спорот за името така што овој координативен состанок е првиот тест за идната коабитација со новиот тим на Илинденска и за неговото позиционирање во однос на новата политичка реалност во надворешната политика.
Некаде меѓу средбите утре Нимиц ќе даде изјава за медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Бислимовски – Лорковски: Реформите во енергетиката мора да продолжат

Претседателот Марко Бислимовски, заедно со членовите и раководителите на секторите на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) остварија средба со Артур Лорковски, директорот на Енергетската заедница.
Реформите во енергетиката мора да продолжат, континуитетот е клучен – фокусот да се задржи на активностите поврзани со интегрирање на пазарите за електрична енергија, нивна транспарентност и интегритет, како и неопходните реформи на пазарот со природен гас, што ќе обезбедат фер пристап за сите учесници, согласно новите европски мрежни правила – се сложија соговорниците.
Претседателот Бислимоски му се заблагодари на директорот Лорковски за позитивниот наратив за работата на РКЕ при презентацијата на Извештајот за имплементација на законодавството на Енергетската Заедница за 2024 година за државава во Собранието.
„Во очекување на новиот Закон за енергетика, РКЕ во соработка со Министерството за енергетика континуирано работи на подготовка за имплементација на новиот енергетски пакет. Интегрираниот пристап помеѓу сите чинители досега покажа дека е клучен за квалитетна и успешна регулатива, која ќе биде основа за развој на енергетските пазари . Капацитетите со кои располагаме, професионалниот тим кој се гради со години наназад и овој пат може да одговори на сите предизвици кои претстојат. “ изјава Марко Бислимоски, претседател на РКЕ
Лорковски посочи дека Енергетска Заедница ќе остане партнер во понатамошните процеси и дека стојат на располагање за поддршка во делот на креирање на подзаконските акти, откако ќе се донесе новиот закон за енергетика. Процесот на транспонирање на ЕУ правилата е клучно за да осигура работата на РКЕ за стратешките прашања поврзани со обезбедување на сигурна, стабилна и континуирана испорака на енергија.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него

Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото

Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.