Daily news
Димитров: Прашањата за евроатланскиот пат на државата да се решаваат инклузивно
Чесно и транспарентно работење на реформите за приближување на земјата кон ЕУ, отворање на вратите со соседите и инвестирање во добрососедски односи и зголемување на бројот на пријатели меѓу земјите членки во Европската Унија се столбовите поставени како план за Македонија кон постигнување на целите влез во ЕУ и НАТО, рече министерот за надворешни работи, Никола Димитров, презентирајќи го извештајот за надворешна политика и меѓународна положба на државата. Димитров побара поддршка од сите пратеници со цел важните прашања за државата да се решаваат со консензуз.
„Побаравме поддршка од соседите кои веќе се членки на НАТО и ЕУ. Но, нашата цел е да настапиме пријателски и отворено наместо од позиција на комплекс и страв. Пред нас се отвора еден прозорец на предизвици. Ќе биде добро сите заедно да се заложиме и да ги отвориме тие пукнатини кои се подотворени и да поминеме низ нив. Затоа и апелирав кај нашиот сосед во Атина да размисли каков сосед сака да има. Затоа и ја побаравме нивната поддршка, а паралелно со тоа ќе ги градиме тие мерки на доверба“, рече Димитров.
Пратеникот Никола Попоски и поранешен министер за надворешни го праша Димитров на што го темели ставот дека Грција преку ноќ ќе го смени ставот и ќе се согласи Македонија да влезе во НАТО под референцата, без промена на името.
„Доколку Грција сакала, тоа ќе го направела и порано и зошто би ги сменила своите позиции со смена на власта. Во однос на средбата во Софија, не бевте доволно транспарентен и барам да дадете целосна информација за тоа што договорил премиерот Заев по неговата изјава дека договорот за добрососедски односи е испеглан во најголем дел и дека останува мал ‘детаљ’, кој требало да го договорат министрите за надворешни работи на кафе-муабет. Кој е тој мал детаљ? праша Попоски.
Министерот Димитров рече дека во односите со Грција веќе подолго време се праќале иритантни пораки, а во однос на бугарското прашање повтори дека кога договорот ќе биде подготвен ќе биде ставен на маса пред пратениците.
„Подолго време се праќаат иритантни пораки кон нашиот јужен сосед. Како што е на пример фотографијата со знамето од Куклеш, потоа имињата на одредени институции и долгото зборување за процес на антиквизација. Ние сакаме тие пречки да ги надминеме. Не сакаме да праќаме вакви пораки. Во однос на прашањето со Бугарија, можам да кажам дека има разлика помеѓу политичкиот и дипломатскиот израз. Она што е важно е дека деталите во однос на договорот нема да бидат сокриени, ќе бидат ставени на маса, ќе биде отворена дебата и тоа прашање ќе биде затворено со консенсензус“, рече Димитров.
Димитров додаде дека интенцијата на МНР ќе биде за амбасадори да бидат бирани луѓе од дипломатската кариера, не политички, при тоа споменуваќи го примерот со Александар Николовски. Пратеникот Илија Димовски, пак, рече дека парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да учествува инклузивно во процесот, но нема да прифати решенија кои се штетни по идентитетот и интегритетот на државата и нема да учествуваат само да ги покриваат нивните грешки.Тој побара да се свика посебна седница на која ќе се разгледаат во детали сите прашања кои се сензитивни, особено за договорот со Софија. г.д
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.