Daily news
Стефан Талевски и Симона Костадинова ја претставија Македонија во проектот „Фудбал за пријателство“
Петтата сезона на детскиот меѓународен општествен проект „Фудбал за пријателство“ на „Газпром“ се одржа изминатата недела, во Санкт Петербург, во кој учествуваа деца од 64 земји.
Овој проект ги обедини младите фудбалери – Амбасадори на проектот, од 64 земји. Момчиња и девојчиња на 12-годишна возраст беа групирани во 8 интернационални тимови на пријателство. Улогата на тренери ја изведоа млади фудбалери – учесници во претходните сезони на проектот.
Беа спроведени тренинзи, водени од млади тренери и познати фудбалери, кои им помогнаа на младите фудбалери да воспостават меѓусебни односи, да ги елаборираат тимските тактики и да ја почувствуваат поддршката од другите членови во тимот.
Македонските учесници, Стефан Талевски, фудбалер од подмладокот на ФК „Пелистер“ од Битола, и Симона Костадинова, млад новинар – ученик од Скопје, беа дел од сите активности на проектот заедно со младите претставници од другите земји. Стефан се натпреваруваше во тимот Цијан, а Симона, како млад новинар, известуваше за сите настани во рамки во детскиот „Фудбал за пријателство“ прес-центар.
Пред започнувањето на финалните натпревари, главниот тренер на тимот од Санкт Петербург кој игра рагби во инвалидски колички, преку ждрепка ги извлече паровите тимови кои ќе се натпреваруваат меѓу себе.
Кулминацијата на натпреварувачкиот дел на Петтата сезона на детскиот меѓународен општествен проект „Фудбал за пријателство“ на „Газпром“ беше уникатната церемонија за доделување награди на финалистите. Капетаните на тимовите беа наградувани со медали, дипломи и специјални награди. Дел од оваа свеченост претставуваше и гласањето за светски фудбалски тим кој ги поседува и промовира деветте клучни вредности на проектот. Симона ја имаше честа да го презентира трофејот – награда за избраниот тим на пред присутната публика на одржаната церемонија.
Младите учесници кои не учествуваа во финалето одржаа голем бројни пријателски средби за поддршка на вредностите на програмата на „Фудбал за пријателство“. Младите спортисти добија поддршка од главниот руски амбасадор на проектот – најдобриот стрелец во историјата на рускиот национален тим, Александар Кержаков, главниот тренер Станислав Черчесов и првите луѓе на руската фудбалска унија. Повеќе од 200 новинари од водечките спортски меѓународни медиуми и претставници од фудбалски асоцијации присуствуваа на игрите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.