Daily news
Галичка свадба: Продолжува негувањето на автентичната традиција
Се очекува повеќе од пет илјади посетители од земјава и странство да присуствуваат на годинешното 44. издание на манифестацијата „Галичка свадба“ која ќе се одржи на 15 (сабота) и 16 јули (недела) во селото Галичник на планината Бистра.
Оваа година судбоносното „Да“ во живописниот Галичник ќе го кажат невестата Тања Чаловска и зетот Бошко Лепчески. Во текот на двата дена од манифестацијата, посетителите ќе имаат уникатна можност да бидат сведоци на над триесет автентични свадбарски обичаи и ритуали проследени со изворни свадбарски песни карактеристични за овој крај од Македонија.
Традиционално, почетокот на свадбата се означува во сабота со поставување на свадбарското знаме, како и симболичниот чин на „фрлање“ три пушки од куќата на зетот (вила „Доста“). Церемонијата на венчавање на младенците ќе се изврши в недела, во монументалниот храм „Св. Апостол Петар и Павле“ во селото, а манифестацијата ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.
Особено впечатлив белег на целата манифестација претставуваат колоритните носии на сите учесници во свадбената свеченост. Всушност, поседувањето на автентична галичка носија е единствениот услов за учество во „Галичка свадба“. Со својата уникатност се издвојува невестинската носија, на која преовладуваат белата, жолтата и црвената боја и на која доминира богатиот вез распореден на ракавите и на предниот дел од кошулата. Составен дел од невестинската носија е и накитот изработен со филигранска прецизност и уникатни златни и сребрени елементи. Интересен податок е дека невестинската носија може да тежи и до 30 килограми.
Со оригиналните свадбарски обичаи и адети, народните песни и ора, манифестацијата „Галичка свадба“ придонесува за сочувување, негување и афирмација на автентичниот фолклор, традиција, карактерстичната архитектурата и целокупното богато културно наследство на овој крај од Македонија. Дополнително, „Галичката свадба“ е своевиден македонски туристички бренд кој е составен дел од многу туристички проспекти и понудата на тур-операторите.
Исполнувањето на ваквата мисија на оваа манифестација нема да биде возможно доколку не е поддршката од нејзините партнери и помагатели кои и оваа година се во голем број. Меѓу нив се: Министерството за култура, Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје, Пиварница Скопје, Комерцијална банка АД Скопје, ЕВН Македонија, Вода Маја, Технокомерц, Неотел, Халкбанка, Греемак груп, Клиника Жан Митрев, ГП Дабар, Општина Маврово и Ростуше, Национален парк Маврово и други.
Инаку, со одржувањето на манифестацијата „Галичка свадба“ веќе 26 години се отвора „Галичкото културно лето“ во чии рамки се предвидени и други настани, како што се ликовни колонии, изложби, книжевни средби и друго.
Организатор на „Галичка свадба“ и другите настани во рамки на „Галичкото културно лето“ е месната заедница на селото Галичник, која и оваа година се погрижи сите посетители да имаат можност да уживаат во убавината и да ја почувствуваат автентичноста на настанот. Во таа насока е и апелот до сите посетители да го почитуваат специјалниот сообраќаен режим кој ќе биде воспоставен во деновите на одржување на манифестацијата.
Поради ограничените просторни можности на селото и потребите поврзани со одржувањето на „Галичка свадба“, движењето со моторни возила во селото ќе биде ограничено. Постетителите ќе можат да ги паркираат своите возила на фудбалското игралиште пред селото, по што за сите заинтересирани ќе биде организиран превоз со минибуси до влезот на Галичник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.