Daily news
Началникот на Генералштабот на АРМ во официјална посета на војската на Црна Гора
Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија генерал, потполковник Методија Величковски, во рамки на активностите на тридневниот престој во Црна Гора во текот на денешниот ден оствари средби на највисоко воено ниво во Министерството за одбрана и Генералштабот на војската на Црна Гора.
По приемот со високи воени почести, генералот Величковски имаше средба со началникот на генералштабот на војската на Црна Гора, генерал-потполковник Љубиша Јокиќ, по што сe одржа состанок помеѓу делегацијата на АРМ и претставници од ГШ на војската на Црна Гора.
На средбата помеѓу началниците на Генералштабови, се опфатија повеќе прашања меѓу кои и збогатување на постоечката билатерална воена соработка во областа на обуката и военото образование, како и разгледување на можностите за нови облици на соработка преку изведување на заедничка обука и користење на капацитетите на армискиот полигон Криволак.
Генералите Величковски и Јокиќ изразија увереност дека приемот во НАТО на Црна Гора, која е веќе 29. полноправна земја членка на овој воено политички сојуз, ќе претставува позитивен сигнал и понатамошна безрезервна поддршка за нашите аспирации за членство во НАТО, а со тоа и зајакнување на безбедноста во регионот.
Овие заложби беа повторени и за време на состанокот на делегацијата на АРМ со министерот за одбрана Предраг Бошковиќ, на кој присуствуваше и вршителот на должноста амбасадор на Р Македонија во Црна Гора, Сухена Ќерими Балиу. На состанокот беше потенцирана и потребата за продлабочување на партнерската соработка помеѓу Армијата на Република Македонија и војската на Црна Гора во повеќе сегменти на одбраната.
Од страна на соговорниците на денешните средби беа искажани пофални зборови за улогата и начинот на кој АРМ се справуваше со миграциската криза, со што е придонесено и за намалување на овој вид безбедносен ризик за целиот регион.
Делегацијата на АРМ во текот на денот оствари посета на воздухопловната единица во воената база Голубовци во близина на Подгорица, каде се разгледуваа можностите за проширување на постоечката соработка во овој сегмент.
За време на престојот во Црна Гора во текот на утрешниот ден делегацијата ќе присуствува на денот за високи гости и церемонијата на затворање на вежбата „Заеднички предизвик 2017“ на која заедно со припадници на армиите на Австрија и Црна Гора учествуваат 36 припадници на АРМ од составот на полкот за специјални намени.
Соработката помеѓу АРМ со војската на Црна Гора во досегашниот период е изразена преку повеќе активности, како заедничка обука меѓу припадниците на двете армии на полето на военото воздухопловство, и обука на специјалните сили, но и во военото образование при што питомци од Црна Гора се образуваат на Воената академија во Република Македонија „Генерал Михајло Апостолски“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.