Daily news
Груевски: Зголемувањето на даноците ќе има повеќекратни штети врз економијата
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, изјави дека секое зголемување на даноците се одразува негативно на економијата и новата даночна политика којашто ја најави Владата на СДСМ сигурно ќе се одрази така.
-Тие во својата програма имаат најавено зголемување на персоналниот данок на доход, но и од медиумите и од некои други извори иформиран сум дека планираат зголемување и на данокот на добивка и на придонесите и дека тоа планираат да го прават постепено, не оддеднаш. Значи за да не ги шокираат граѓаните оддеднаш со поголемо зголемување на повеќе даноци, планираат постепено, за луѓето помалку да имаат можност тоа да го почувствуваат. Тоа ќе биде многу лошо прво за компаниите, за инвеститорите, затоа што ќе си влоши условите за работа, ќе ги зголеми нивните трошоци и ќе ги присили да ги намалат инвестициите, штом ги намалат инвестициите практично ќе дојде и до намалување на нови работни места, изјави Груевски.
Тој кажа дека целта на намалувањето на даноците беше да се привлечат инвестициите и да се отворат поголем број работни места и во тоа се успеа.
-Почна да биде нешто препознатливо за нашата држава во светот на бизнисот и неслучајно почнаа да доаѓаат многу инвеститори. Тие не доаѓаа само заради тоа, доаѓаа и заради другите услови што ги нудиме, но една од компонентите што ги привлекуваше беше тоа што имавме најниска даночна стапка од 7,4 проценти, којашто е сублимат на сите даноци што постојат во Македонија. Штом ќе почнат да се зголемуваат даноците, практично ќе ја изгубиме таа придобивка, односно ќе изгубат инвеститорите и тие ќе го намалат интересот за инвестирање во Македонија, како странските така и домашните или, пак, ќе ги одлагаат инвестициите, ќе се воздржуваат, ќе одат на помали инвестиции, сето тоа ќе значи помалку работни места, изјави Груевски.
Тој дополни дека зголемувањето на даноците ќе ја намали и конкурентноста на компаниите затоа што ќе се зголемат трошоците, каде што влегуваат и даноците, со што, според зборовите на Груевски, тие ќе станат помалку конкурентни како на домашниот така и на меѓународниот пазар.
-Зголемувањето на даноците не мора да значи дека ќе има повеќе приливи во буџетот, тоа многу често ја зголемува и сивата економија, а сивата економија може да значи и намалени приходи во буџетот, така што ако имаат планови дека со тоа сигурно ќе им се зголемат приходите, тоа е нестабилна, гнила штица, не мора да значи дека така ќе биде, изјави Груевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.