Daily news
(ВИДЕО) Лилјана Поповска: Бевме доследни во борбата, методите на ВМРО се страшни, но не се плашиме
Пратеничката и претседателка на партијата ДОМ, Лилјана Поповска, вели дека тие се „виновни“ што е намалено загадувањето, а, пак, во иста насока биле и сегашните борби што ги воделе против отворање рудници.
„Секогаш сме реагирале, не постои значително место во Скопје на кое не сме реагирале при сеча на дрвја. Но, тука стојат големите мечки, заедно со големата урбана мафија. При секое реагирање имавме страшни притисоци, закани, редица напади, но и најави за тужби. Ние секогаш се темелиме на факти и докази, па ако сака некој да тужи, нека го направи тоа, но гарантирам дека ќе изгуби“, вели Лилјана Поповска.
Претседателката на ДОМ вели дека моќта го променила односот на ВМРО-ДПМНЕ кон коалициските партии. Таа потсети и на нивното самостојно излегување на локалните избори во 2014 година, одлука која била изгласана на конгресот на партијата, а требала да биде најава за ВМРО-ДПМНЕ дека ДОМ излегува од коалицијата.
„На почетокот, кога влеговме во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, имавме договорени програмски платформи кои се реализираа. Редица закони за животната средина беа усвоени и реализирани. Во текот на едни преговори беше избришана од план нуклеарната централа која требаше да се гради, беше намален данокот за туризмот од 18 на 5 посто. Со текот на времето, како што раснеше моќта на големата партија, а на изборите се добиваа се поголеми делови од моќта, така очигледно нешто се менуваше во односот кон партнерите и односот кон граѓаните“, додава Поповска.
Според претседателката Поповска, ДОМ биле казнети што излегле од коалицијата, а бомбите на СДСМ откриле на кој начин функионирала сегашната најголема опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ.
„Бомбите открија дека се функционирало од горе па надоле, и тоа беше поразително. Во такви ситуации размислуваш каков чекор да направиш. Бидејќи немавме удел ниту во ‘местење’ избори, ниту во злоупотреба на закони во која било смисла, ние моравме да се дистанцираме“, вели Поповска.
На прашањето дали ДОМ сега се плаши од ВМРО-ДПМНЕ, Поповска одговори со контра-прашање „Зошто да се плашам?“, потенцирајќи дека ако постоело такво чувство, тие сè уште ќе биле во коалиција.
„СДСМ ни понудија да настапиме заеднички, иако ние се подготвувавме за самостоен настап. Но, откако ни укажаа дека можеме да ги поделиме гласовите, сметавме дека треба сите заедно, независно од етничка, верска и идеолошка припадност, да застанеме во тој фронт. Бевме доследни во таа борба иако во меѓувреме многу наши луѓе останаа без работа, некои завршија во затвор, некои добија кривични пријави, други беа уценувани, малтретирани до тој степен што внук на наш член не беше запишан во градинка затоа што неговиот чичко останал лојален на ДОМ“, вели Лилјана Поповска.
Според неа, методите на ВМРО-ДПМНЕ се неприфатливи и никој не треба да ги прави. Во однос на унапредувањето на ЛГБТ правата, Поповска вели дека ДОМ како партија на зелените секогаш го поддржувала овој чекор и дека тоа така ќе остане.
Кристијан Ландов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.