Daily news
Турски билборди ја политизираат Македонија
Скопје денес осамна преплавено од билборди со политичка содржина која е туѓа на нашата внатрешна ситуација. Од содржината станува очигледно дека се работи за турска политичка пропаганда во врска со минатогодишниот обид за државен удар со кој Македонија нема ништо, а на неколку начини се обидоа да ја вклучат турската влада и претседателот Таип Реџеп Ердоган. На билбордите стои „Никогаш нема да го заборавиме 15 јули“, т.е. денот кога се случи неуспешниот обид за државен удар со дополнителна порака “Секогаш ќе застанеме зад демократски избраната влада на Турција“.
Ова е првпат политички настан во странска држава на ваков начин да се прелева кај нас, со цел да се анимира не само турската заедница за поддршка на Ердоган, туку и да се влијае на начинот на кој Македонците ја гледаат политичката ситуација во таа земја. На билбордите како нарачувач стои Мусиад, турска бизнис и индустриска асоцијација која има преставници во 63 земји, а фигурира како независна.
Претходно, истата асоцијација организираше специјална програма поради истиот повод , т.е. првата годишнина од државниот удар кој му послужи на турскиот претседател да разреши, да отпушти од работа и да притвори илјадници судии, универзитетски професори, новинари, воени лица и главно опозиционери. Деновиве опозицијата како одговор на авторитарноста на власта организираше мировен марш, пешачејќи од Анкара до Истанбул, што беше силна демонстрација на незадоволство во земјата.
На оваа специјална програма денес учествувале и Аднан Ќахил, министер без ресор во Владата на Македонија, амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, претставници на турските институции и здруженија во земјата, како и бизнисмени. Ќахил посочил дека владата избрана од страна на народот не може да се сруши со државен удар или на кој било друг начин.
„Ние ќе бидеме заедно со нашите браќа кои живеат во Турција. И сега сме заедно, и во иднина ќе биде така. Тоа е наша демократска перцепција. Оние што размислуваат за каков било државен удар, нека размислат добро затоа што ќе се соочат не само со народот кој живее во Турција, туку и со сите народи во светот што ги знаат и ги разбираат Турците и демократијата“, рекол Ќахил.
Ќахил истакнал дека посакува ова да не се повтори каде било во светот, особено не во Турција и дека македонската држава и Турците кои живеат во земјата секогаш ќе стојат зад турскиот народ. Ваква активност беше најавена и во Косово, Босна и Херцеговина и во Грција.
Пренесувањето на внатрешните политички случувања во други држави, што е манир на оваа власт во Турција, веќе испровоцира реакции изминатите месеци во Европа, а пред се во Германија која му забрани на Ердоган да држи говори и спроведува политичка кампања за Турците на нејзина територија и да забрани влегување на еден турски министер. Слична забрана упати и Франција пред референдумот за Уставот во Турција.
Турција е последна од земјите на листата на соседи кои ја злоупотребуваат нашата меѓуетничка ситуација, политичка толеранција и незавидна положба, по прославите на разни бугарски здруженија низ Македонија, српските прослави на, за нас, окупаторски поводи, српското учество во крвавиот настан во Парламентот и албанската прослава на знамето не толку одамна кај нас, од која излегоа најави за некакво албанско обединување.
Слободанка Јовановска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.