Daily news
Ивона Талевска бара да ѝ се врати пасошот, ако не патува за Србија, не ќе може да го исплати кредитот за станот
Одбраната на Ивона Талевска денеска пред Апелациониот суд во Скопје побара да бидат укинати мерките на претпазливост за неа, односно да ѝ биде вратен пасошот кој ѝ го одзема судот. Како аргументи, одбраната на Талевска го наведува тоа што обвинетата редовно се јавувала кај органите на прогонот, но и дека била вработена, што укажува дека не може никаде да избега.
Притоа, таа морала да патува бидејќи имала договор за работа со српска фирма, што укажувало на потреба за почесто патување надвор од земјата.
„Потенцирам дека за ваков вид кривични дела, односно затајување данок на ваква сума,не се сеќавам дека имало вакви мерки. Со оглед кога СЈО почна да работи и правните квалификации за обвинение за кривичното дело Смарт груп дооел рокот е истечен. Вештачењето укажува на тенденциозност која не соодејствува со кривичното дело. Нејзиното работно место е врзано со патување, има договор со српската компанија ‘Танир'”, вели адвокатката Светлана Савиќ.
„Нејзините патувања се врзани со работата. Сметаме дека мерката е престрога или има други цели во позадина. Целокупната документација која е дел од постапката е предадена од нејзина страна, апсолутно со ништо не постои сомнеж дека би се дала од бегство, за сума од 300 илјади денари. Ваквите мерки се премногу високи за сомненија за обвиненија од страна на СЈО. Доколку Талевска не патува, таа нема да може да ја извршува својата професионална работа, а со тоа нема да може да го исплати кредитот за стан кој го има земено. Судот имал предвид дека обвинетата е новинар, како и сите околности наведени во решението. Имајќи ги предвид доказите, а со тоа патувањето во странство, се сомневаме дека поради истите работни обврски ќе се забави постапката. Предлагам жалбата да биде отфрлена“, вели Стевчо Донев.
„Ако имаше некакви сомневање дека ќе ја прекршам постапката, тие можеа вакви мерки да поднесат на почеток од постапката, а не кога е поднесено обвинение. Динамиката на моите работни обврски ќе биде во согласност со постапките на органите на прогонот“, вели Талевска.
СЈО ја товари Талевска за даночно затајување, преку Смарт груп дооел Скопје. Одбраната побара да бидат укинати мерките претпазловост за обвинетата Ивона Талевска, на која моментално ѝ е одземена патната исправа.
Кристијан Ландов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.