Daily news
(ВИДЕО) Ајро: Стајковиќ не купувал орбит мастики туку шпионска опрема
Апелациониот суд ја заврши седницата на која се разгледуваше жалбата за одземање на пасошот на обвинетиот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ.
Тричлениот состав на судии Лилјана Ивановска Шопова, Јани Нича и Африм Фидани ги сослушаа наодите на одбраната и на обвинителите на СЈО.
Обвинителот на специјалното јавно обвинителство, Артан Ајро, рече дека не стаува збор за набавка на мастики орбит туку за набавка на шпионска опрема за двапати повисока цена од регуларната, а правното лице, кое ја добило јавната набавка никогаш претходно не извршувала таква дејност.
Петар Василев, адвокатот на Стајковиќ, пред судиите изјави дека судот не го ценел однесување на обвинетиот при определување мерката за одземање на пасошот и дека редовно се јавувал во судот и во обвинителството, не се криел, нема да побегне и е семеен човек.
Дополнително, како што рече Василев, судот во истражната постапка за овој случај во 2016 година веќе еднаш ја одбил мерката претпазливост за Стајковиќ.
Одбраната потенцираше дека ако се цени обвинението на СЈО тогаш ниту една јавна набавка во Македонија не треба да биде законска бидејќи набавките од овој тип не се склучуваат директно.
Адвокатот на обвинетиот побара од Судот да не ги земат транскриптите како докази бидејќи се прибавени на незаконит начин и дека набавката е извршена согласно член 7 од Законот за јавни набавки.
Обвинетиот Стајковиќ рече дека не е виновен, средно богат и дека нема намера да бега, а службениот пасош на кој се повикува СЈО како можност за бегство му бил истечен уште пред да биде покренато обвинението.
Специјалната обвинителка, Ленче Ристоска, рече дека сметката на правното лице „Финзи“ преку кое е набавена опремата сè уште е блокирана. Освен тоа, Стајковиќ е суспендиран поради настаните од 27 април во Собранието.
Судиите од Апелациониот суд одлуката ќе ја објават во текот на следната недела.
Небојша Стајковиќ е обвинет во случајот „Трезор“. Покрај него, во овој предмет обвинети се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот началник на Петтата управа, Горан Грујовски, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.
Мијалков, Јакимовски и Грујовски во 2010 година отпатувале во Лондон и договориле набавка на опрема за пресретнување на комуникациите и обука за користење на опремата за потребите на Петтата управа. Но, наместо набавката да оди директно преку Министерството, осомничените функционери ја вклучиле и компанијата „Финзи“ како застапник на МВР. Според приложеното од Специјалното јавно обвинителство, „Финзи“, откако ја презела набавката во свои раце во договор со УБК и МВР, увозот на опремата го фактурирала по двојно поскапа цена.
В. Маглешов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.