Daily news
Дебарца на нозе: Нема да дозволиме од светилник да станеме ѓубриште на историјата
Жителите на општина Дебарца, една од помалите во земјата, ако треба, со жив штит ќе ја бранат незагадената природа од намерите таму да се гради регионална депонија.
Во поткараорманското село Годивје, во чија близина е замислено да се гради депонијата, се собраа жители од целата општина, но и од Охрид, Скопје и други градови, меѓу нив и познати личности, како писателот Трајан Петроски и многу други. Собирот финишира со избор на координативно тело кое ќе раководи со активностите против изградба на регионална депонија.
Во него влегоа главно стручни луѓе: д-р Бошко Ставрески – абдоменален хирург, д-р Јадранка Бинањ – експерт по екологија, Трајан Трајчески – дипломиран електроинженер, Крсте Блажески – дипломиран економист, Трајан Ангелоски – професор по историја, Дончо Герасимовски – магистер по географски науки, поранешен прв човек на Заводот за статистика, Добре Чолески – концесионер на ловното друштво „Караорман“, Лазо Наумоски – дипломиран агроном и познат екологист од Охрид и Никола Стојаноски – електротехничар.
Собирот застана зад локалното население во Годивје кое протестира против изградбата на регионална депонија во атарот на селото. Тие не се согласуваат со проценките на експертите дека оваа локација, која се наоѓа во сливот на Охридското Езеро, е најпогодна за изградба на инсталација за преработка и депонирање отпад и сметаат дека таа негативно ќе влијае на животната средина. Сите учесници на собирот го поддржуваат раководството на општината, кое бара најитно да запрат сите активности за проектот за изградба на регионална депонија во село Годивје.
– Апелирам до надлежното министертво веднаш да ја прекине постапката за потоа да не биде предоцна, ние активно ќе го браниме тој простор – вели Даниел Огненоски, претседател на Советот на Општина Дебарца.
За вторник, 25 јули, е закажана вонредна седница на Советот на Општината. Жителите од Дебарца им ставија јасно до знаење на советниците во овој момент да не исправуваат партиски криви Дрини, туку да застанат цврсто и едногласно во одбрана на честа на Дебарца.
Писателот Трајан Петроски, кој исто така говореше на собирот, укажа на тежината на задачата на советниците бидејќи, како што рече, постои опасност Дебарца од светилник на историјата да се претвори во буниште!?
Својот глас го кренаа и поранешни функционери, како ексспикерот Трајко Вељаноски, пратеникот Илија Димоски и други звучни имиња по потекло од Дебарца, но многумина ним и на сегашниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Трајковски, им забележуваат зошто молчеле досега. Во тој контекст на собирот можеше да се случи и инцидент кога еден од мештаните сакаше и физички да се пресмета со актуелниот градоначалник.
Писателот Трајан Петроски вели дека и пред десетина години е поведена слична иницијатива, тогаш со поддршка на австриски донации, а тој лично пишувал протестни писма до локалните и централните власти. Овој пат се работи за проект поддржан од фондови на ЕУ, меѓутоа спорна е локацијата. На пример, како локација е избрана единствената висорамнина под селото Годивје, која во времето додека постоеше ЈНА, беше резервна писта за нужно слетување воени авиони.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.