Daily news
Хан: Договорот за мигрантите со Турција функционира добро
Договорот меѓу Европската Унија и Турција за спречување на приливот на мигранти во западноевропските земји функционира добро, а секојдневните билатерални односи се многу подобри отколку што тоа може да се заклучи од актуелната реторика, нагласи еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во изјава за австрискиот јавен радиодифузен сервис ОРФ.
Ваквата изјава на Хан доаѓа само неколку дена откако Германија најави можност за суспензија на исплатата на средствата од ЕУ, што ѝ беа ветени на Турција во рамките на мигрантскиот договор.
Со овој договор Турција го спречи приливот на мигранти од нејзина територија кон Европа во замена за ветената помош од три милијарди евра и укинување на визниот режим за патување на турските државјани во земјите од ЕУ.
– Немам никакви грижи за спроведувањето на договорот за бегалците. Морам да кажам дека секојдневната соработка на голем број полиња функционира многу подобро од она што може да се заклучи според актуелната ректорика и некои турски постапки – нагласи Хан.
Мигрантскиот договор наиде на големо одобрување од страна на Германија бидјеќи најголем број од мигрантите ја избираа оваа земја за своја крајна дестинација. Меѓутоа, односите меѓу Берлин и Анкара во последните месеци спаднаа на најниско ниво, а двете земји меѓусебно се обвинуваат за неприфатливо однесување.
Германија беше особено критички настроена кон Турција во врска со преземените мерки по ланскиот неуспешен обид за воен удар, при што беа уапсени околу 50.000 луѓе, меѓу кои и еден германски државјани кој работи за организација за заштита на човековите права, а речиси 150.000 лица беа суспендирани или отпуштени од работа под обвинение за поврзаност со организаторите на пучот. Во справувањето со пучистите Турција прогласи вонредна состојба, која минатата недела беше продолжена за уште три месеци.
Во врска со турските шанси за членство во ЕУ, Хан во изјавата за ОРФ нагласува дека не гледа потреба од понатамошно продолжување на вонредната состојба додавајќи оти смета дека нејзиното укинување ќе придонесе за подобрување на владеењето на правото во земјата.
Во услови на најавите за укинување на помошта за Турција и одложеното укинување на визниот режим, турскиот министер за надворешни работи, Мевљут Чаушоглу изјави дека Анкара би можела да го преразгледа или суспендира мигрантскиот договор, доколку ЕУ не ги исполни обврските што ги презеде со него.
Реализацијата на мигрантскиот договор се очекува да биде една од главните теми на денешната средба на Чавушоглу и турскиот министер за европски прашања Омер Челик со Хан и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.