Daily news
За ОМД, договорот со Бугарија е контрадикторен
Обединетата македонска дијаспора (ОМД) изразува загриженост заради, како што велат, непотполната, нејасна и контрадикторна содржина на договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и смета дека потпишувањето, како и евентуалната ратификација со моментната содржина, негативно би се одразило врз македонските национални интереси, но и на унапредување на долгорочните односи помеѓу Македонија и Бугарија.
– Договорот многу личи на штетната декларација која беше потпишана во 1999 и е во облик на нејзино продожение. Со самата најава на подготовката на овој договор ОМД очекуваше надминување на грешките и промена на ставот од 1999, но нацрт-договорот го покажува спротивното. Наместо да се договара зад затворени врати, договорот требаше да биде објавен многу порано, со цел да ѝ се овозможи на јавноста дебата, со што тој би се составил во корист на заштита на македонските национални интереси, а не само на Бугарија, која го користи како уцена да ја поддржи Македонија за членство во евро-атлантските институции, порачува ОМД.
ОМД е со цврст став дека овој договор е контрадикторен во својата содржина.
– На крајот од воведниот текст на договорот двете страни се повикуваат на почитување на принципите на Повелбата на ОН, повелба каде што во член 1 се наведени рамноправните права и правото на самоопределување на народите. Спротивно на член 1 од Повелбата на ОН, членот 11, точките 4, 5 и 6 од овој договор се дијаметрално спротивни на Повелбата на ОН и всушност ја рефлектираат негативната политика на Република Бугарија кон Република Македонија, посочуваат од ОМД.
За нив, член 8, став 2 е контрадикторен и нејасен. За да се даде согласност за него, членовите на комисијата треба да бидат назначени и надгледувани од независни експерти историчари чија улога не би довела до конфликт на интерес. Член 8, став 3 остава отворен простор за интeрпретација.
– Историските настани и личности мора да бидат наведени за да не се дозволи делење на целокупната македонска историја. Без да навлегуваме во историски факти, кои би требало да бидат оставени на историчарите, треба да се прецизира точно кој дел од историјата ни е заеднички за да може да се затвори можноста што моментно ја нуди содржината на договорот – Бугарија да изврши преписка на целосната македонската историја како своја, а не како посебна историја на македонскиот народ и држава. Како дел од европското семејство на народи, и соседните земји, секако дека Бугарија и Македонија делат заедничка историја, меѓутоа интепретацијата на таа наша заедничка историја не е иста, велат од ОМД.
Потенцираат дека член 11, став 4 и став 5 од договорот се спротивни на член 49 од Уставот на Република Македонија, со што се отвора можност овој договор подоцна да биде изваден пред Уставниот суд и поништен по потпишувањето создавајќи меѓународен скандал.
– ОМД препорачува да не се избрзува со потпишување ваков неуставен и нејасен нацрт-договор. Во овој член би нагласиле дека Македонија е условена да не се меша во внатрешните работи на Бугарија, но истиот услов не е поставен и за Бугарија. Во овој случај Македонија отстапува од борбата за културните и човековите права на македонското малцинство во Бугарија, што е крајно неприфатливо. ОМД исто така не се согласува со член 11, став 6, со што се оспоруваат слободата на говор и слободата на медиумите. Иако крајот на договорот напоменува дека ќе биде потпишан на македонски и на бугарски јазик, никаде не се споменува признавање на македонскиот јазик, кој Бугарија го оспоруваат со години, потенцираат од ОМД и ја повикуваат сегашната и идните влади да научат од грешките на претходните влади и да се држат поцврсто за ставот на бранење на националните интереси на Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.