Daily news
Македонија ја губи битката со загадениот воздух – смртните случаи во пораст
Се зголемува бројот на канцерогени и кардиоваскуларни болести, Македонија со сигурност за брзо време ќе стане лидер во светот на уште една непопуларна скала. И сето тоа се должи на загадениот воздух со кој граѓаните се трујат, а никој од функционерите во власта не одговара за тивкото убиство на сите граѓани. Кислород се помалку има, посебно во зимскиот период, што е главна причина за најсмртоносните болести во Македонија кои земаат замав, додека повиканите да се справат со овој проблем импровизираат и тактизираат купувајќи време.
Штетните честички во воздухот во Македонија, според Информативниот центар за животна средина, биле најприсутни во 2012, извесно намалување имало во следните години, за во 2015 да повторно да почне нагло да се зголемува.
Токму 2015 е годината во која според статистиката до која дојде Макфакс, Македонија станува четврта земја во светот по заболување од канцер на бели дробови кај мажи и жени, трета во светот по смртност од канцер на белите дробови и на високото второ место во Европа. Истата година најниска смртност од оваа болест имало во Нигерија, Танзанија и Нигер. Стручната медицинска јавност сугерира дека најголема причина за канцер на белите дробови е пушењето, но ако се погледне листата на земји со најмногу конзументи на цигари од 2015 година, ќе се види Македонија не е во првите дваесет. Тука се Грција, Индонезија, Латвија, Чиле, Кина, Русија, Франција, Турција, кои пак и покрај големиот број пушачи, не се на врвот на листата на канцер на белите дробови како што се најде Македонија.
Дополнително, според истражувањето, 3,6 проценти во 2015 година во водечките причини за неспособност во Македонија се болестите на белите дробови, 12,2 проценти се срцеви болести. Во водечките причини за смрт во Македонија 4,6 проценти се белодробни заболувања, а 25,3 отсто срцеви заболувања. Во светски рамки овие статистики се далеку помали.
Стапката на смртност во Македонија поради аерозагадување со ПМ-честички е 80,6, вели студијата на Global Burden of Disease Study од 2010 година. Извештајот на Светската банка говори за тоа дека 3,2 проценти од БДП се трошоци заради заболувања. Студијата на АРНЕСОМ говори за тоа дека со намалување на ПМ 2,5-честичките до граничната вредност на СЗО, ќе се добијат до 40 месеци очекувано траење на животот, а 775 животи годишно ќе бидат спасени во Скопје.
Во 27 земји во Европската Унија во 2005 година проценето е дека ПМ 2,5-честичките предизвикале 494.000 предвремени смртни случаи главно поради кардиореспираторните болести. 57,5 отсто е стандардизирана стапка на смртност која му се припишува на аерозагадувањето. Базирано на наодите на многубројни епидемиолошки студии, докажана е силна асоцијација помеѓу арерозагадувањето со суспендирани ПМ-честички и кардиоваскуларен морбидитет, морталитет и болнички приеми.
Постои силна асоцијација помеѓу зголемената смртност и краткорочните елевации на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките. Има зголемување нa дневната смртност за 0,4-1,0 отсто поради зголемувањето на ПМ 2,5 за 10-μg/m3, особено кардиоваскуларна смртност. Долготрајната изложеност на ПМ-честичките ја зголемува вкупната смртност во просек 6 отсто, а среднорочните експозиции се 4 отсто.
Алармантноста за штетните последици од загадениот воздух и високиот процент на пм 10 честитките во комбинација со пм 2.5 честичките, сè помалку предизвикуваат вознемиреност кај населението во Македонија, но сè повеќе влијаат врз здравјето на граѓаните. Светската здравствена организација предупредува дека и умереното загадување на воздухот може да биде ризик-фактор за мозочен удар.
Што е причината за загадувањето во Македонија?
Според проценките од студијата на Светска банка во Македонија, 1.100 луѓе годишно умираат како последица на аерозагадувањето. Во 2016 година најзагадено било во ноември и декември, најмалку во јули и мај. Лани најзагадени градови биле Скопје, Куманово, Тетово и Битола.
Јован Мазгански, физичар по професија, дел од Здружението „Екоскоп”, вели дека мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, а со тоа и превенција за нарушеното здравје на граѓаните не се преземаат бидејќи властите наместо да работат на проекти за намалување на аерозагадувањето, инвестирале во споменици.
Повеќе им оди во прилог да направат еден споменик или една триумфална капија бидејќи таа ќе остане и ќе се знае кој ја направил, додека ако се посветат на загадениот воздух, тоа ќе биде заборавено. Според мене, најлошо е што ние имаме малку мерни станици. Од 13 станици, само на две места се мерат ПМ 2,5 честички, кои се поопасни затоа што најдлабоко продираат во белите дробови, додека поголемите честички остануваат во погорните дишни патишта и можат да се исфрлат со кашлање. Статистиките за 2016 се поразителни. Во Тетово, граѓаните дишеле загаден воздух 302 дена. Во Центар, 147 денови ПМ 10 честичките биле над дозволеното, во Карпош 145, во Гази Баба вкупно 177 денови, Лисиче 161, што значи, повеќе од половина од 2016 година било загадено над дозволеното.
Есента од Министерството за животна средина и просторно планирање направија истражување и на прво место како загадувач го ставија огревот на дрва. Прашувам зашто среде лето, на пример јули, статистиките повторно покажуваат дека воздухот е загаден? Ние не знаеме од каде доаѓа загадувањето. Предложив, ако треба, да ми дадат четири инструменти, без пари би анализирал за да откријам од каде доаѓа загадувањето и што е предизвикувач. Но, тие замолчеа. Кога е воздухот во прашање, не се презема речиси ништо. Со Светската здравствена организација направивме проект за здравје и екологија до 2030 година. Го предовме во Влада, тие нè пофалија, но не дадоа пари“, вели Мазгански.
Тетово и Скопје најазагадени градови
Според анализите на Светска банка, загадувањето со штетните честички го чинело македонскиот буџет околу 253 милиони евра. Огромната сума што граѓаните ја плаќаат како последица од загадениот воздух е резултат на огромниот број случаи на прерана смрт и за набавка на лекови. Тетово беше на врвот од листата на „Гардијан“ како најзагаден град во светот. Кога е во прашање Европа, Тетово и Скопје се меѓу првите три според загаденоста на воздухот, а меѓу првите десет е и Битола.
Невладината организација „Еко герила“, која работи на оваа тематика, направи стотици истражувања со цел тетовци да дишат чист воздух. Целта делумно ја постигнаа.
-Во текот на 2016, кога комбинатот Југохром не работеше, а споредбено со истиот период во 2015 година, Тетово беше 40 до 50 проценти помалку загадено. Најголема разлика е воочена во Тетово, каде што загадувањето на годишно ниво од просечната вредност од 140 до 150 микрограми на кубен метар, за првпат е намалено на 97, иако Југохром не работел само 4 месеци од годината. Намалување на загаденоста е регистрирано и во Кичево, каде РЕК Осломеј работел само 40 дена во текот на 2016 година. Бројот на малигните заболувања во Македонија последниве години достигнува огромен пораст. Ниту еден интерес не е поважен од здравјето на стотиците илјади жители кои се принудени секој ден да вдишуваат 30 тони прав од Југохром во воздухот. Во 2016 година во Тетово чист воздух се дишел само 68 дена“, велат од „Еко герила“.
„60 Стајковци“ се случуваат поради загадениот воздух
Според светските статистики, во деновите кога штетните честики се зголемени, ризикот за исхемичен мозочен удар е зголемен за 34 проценти. Освен врз мозокот, загадениот воздух има ефект и врз работата на срцето и белите дробови, а поврзан е и со дијабетесот. Во Македонија, 25 проценти од смртните случаи од срце и мозочни удари, како и 4,6 проценти од рак на белите дробови се од аерозагадувањето, пишува во анализите на Институтот за јавно здравје. Според истите студии, ако загадувањето е намалено, животот на овие болни би се продолжил за две ипол години.
Институциите си играат пинг-понг, никако не можеме да дојдеме до решението. Кога во Карпош беше измерен 20 пати позагаден воздух од дозволеното, решението беше два дена бесплатен превоз, вака состојбите ги објаснува екоактивистката Мерима Ебип од „Скопје смог аларам“, која, вели дека во Македонија речиси не се дише, а респираторните и белодробните болести царуваат.
„Во последниве две години она што го гледаме како податок е дека има околу 1350 смртни случаи како последица на загадениот воздух, или четворица мртви секој ден. Според Институтот за јавно здравје, секое второ дете кое ќе побара лекарска помош страда од респираторни болести, кои најчесто се предизвикани од загадениот воздух. Последната статистика што јас ја добив е поврзана со случувањата во Стајковци, каде, за жал, се случи една голема катастрофа и загубивме 21 човечки живот. Е, сега, како ќе ви звучи ако ви кажам дека „60 Стајковци“ се случуваат во Македонија поради смогот?! Поразителни се фактите дека Македонија се наоѓа на петто место по квалитет на лош воздух во Европа, поразително е тоа што Тетово, Скопје, заедно со општините се убијци на народот, а тоа го гледаме и по зголемените бројки на карцином и малигни заболувања. Пред неколку години имаше статистика и за Пелагонискиот Регион, каде можело да се види зголемување на бројките кога се во прашање малигните заболувања кај деца. Негрижата за животната средина и здравјето на луѓето не е политика туку криминал. Ако функционерите не се грижат за животот на граѓаните, тогаш зошто се одговорни за нас? Тие две работи по дифолт одат заедно“, вели Ебип.
Како екоактивистка, вели дека посакува таа и нејзиното дете да дишат здраво. Свесни се дека во летниот период оваа тема не е актуелна, освен за идните градоначалници. Претставници од невладината организација „Скопје смог аларм“ биле повикани да ги дадат своите предлози за подобрување на амбиеталниот воздух и здравјето на граѓаните. Воведувањето забрани за хронично болните, додека не се среди состојбата со воздухот, е мерка која веќе одамна требала да биде спроведена, бидејќи тие се изложени на најголем ризик. Гасификацијата е една од најсуштинските мерки кои со сигурност ќе го подобри животот на граѓаните кога е во прашање здравјето, но тоа остана ветување од претходната, а засега и од актуелната власт. Последниот рок за гасификација е во 2018 година за бројките кои ги презентираат ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките да бидат намалени.
Според статистиките, бројот на загадени денови расте паралелно со бројот на малигни и респираторни заболувања, но и со смртните случаи. За оваа „еколошка трагедија“ се зборува постојано, а се заборава во летото. Бројките се поразителни, но за време на летото и власта молчи. Невладините организации се согласуваат дека Владата инвестирала во работи кои се убави за очите, но поразителни за здравјето.
Последици од аеро-загадувањето може да бидат прерана смрт, смрт како последица на дишење воздух со премногу честички, проблеми со дишењето но и астмата, болки при дишењето, хроничен бронхитис, намалена функција на белите дробови, зголемување на ризикот од срцев удар, заболување од рак но и ризик од аномалии кај новороденчиња. Македонија статистиките за смртните случаеви, последица од штетните честички во воздухот ги добива со задоцнување од година ипол.
Ако во светот загадениот воздух е четврта причина за смртност, во Македонија таа е на шестото место. Аерозагадувањето придонесува за 4,3 милиони предвремени смртни случаи.
Економската штета на ниво на Унијата е речиси 330-940 милијарди евра. Најмногу од сите смртни случаи се карциномите – 8,2 милиони: карцином на белите дробови – 1,59 милиона, карциноми на црниот дроб – 745.000, на желудникот – 723.000, колоректалниот карцином – 694.000, на дојката – 521.000, езофагеалниот карцином – 400.000.
Кристијан Ландов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.