Daily news
Премиера на Охридско лето: „Кралот Лир“ низ призмата на извонредниот Диего де Бреа
Во продукција на реномираниот Турски театар од Скопје, а во рамките на драмската програма на фестивалот Охридско лето, синоќа премиерно се одигра една од најпознатите шекспирови драми „Кралот Лир“.
Врвниот режисер Диего де Бреа, кој веќе е докажан и во Македонија, го прикажа Кралот Лир на свој, автентичен и воодушевувачки начин. Низ претставата Лир го истражува човековото патување во темнините и бездните на смртта. Преку овој проект на невообичаен и автентичен начин, како што умеат само режисерот и актерите, беше прикажано како стариот крал се откажува од власта и моќта.
Главниот лик го игра актерот Џенап Самет, кој вели дека процесот на подготовка на самата драма, иако исцрпувачи, сепак бил феноменален.
– Ликот и улогата на кралот Лир бара огромна претходна подготовка и посветеност. Подготовката за претставата траеше околу четири месеци, а јас се приклучив пред еден месец до самата премиера, што е навистина огромен предизвик и тешка задача. Процесот на подготовка беше феноменален, иако беше премногу исцрпувачки. Искуството со режисерот Де Бреа е едно неповторливо и уникатно искуство и сметам дека секој актер барем еднаш во својата кариера би требало да искуси ваква невообичаена подготовка. Режисерот е редок со еден збор, не велам дека е толку поинаков, но неговиот систем на работа е поинаков. Сака чувства, но и целосна психолошка анализа. За разлика од сите други верзии на ликот на Лир, овој пат кралот е значително помлад, но тоа се некои стари размислувања. Диего де Бреа режира живот, според него, ова не е театар, туку живот, зашто се случува, изјави актерот Самет.
Турскиот театар од Скопје е чест гостин на фестивалот Охридско лето. Поранешниот директор на театарот, Атила Клинче, кој е и организатор на проектот „Кралот Лир“, е задоволен од фестивалската публика што доаѓа секоја година на нивните претстави, но и од менаџментот на Охридско лето.
– Турскиот театар има одлична соработка со фестивалот Охридско лето и, секако, со драмскиот селектор Зоран Љутков. Како резултат на таа долгогодишна соработка, излезе премиерата на „Кралот Лир“ токму на ова 57. издание на фестивалот. Турскиот театар има позитивен повратен ефект и контакт и со публиката на Охридско лето. Константна беше посетеноста и на останатите наши претстави на овој фестивал. Особен придонес за тоа има и обезбедениот превод на секоја од претставите, што го доближува театарот блиску до публиката од различна јазична припадност, појаснува Клинче.
Театарската претстава „Кралот Лир“ е проект одобрен од страна на Министерството за култура за годинава. Уште пред да биде премиерно изведена во Охрид, Турскиот театар доби покани за соработка и учество со оваа драма на фестивали во државава и надвор од нашите граници. Нејзината следна изведба ќе се одржи во октомври во Нови Сад, Република Србија, во рамките на првото издание на Фестивалот на малцински театри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.