Daily news
„Вашингтон пост“: Трамп му диктирал изјава на својот син за средбата со руската адвокатка
Американскиот претседател Доналд Трамп лично диктирал лажна изјава во која неговиот најстар син, Доналд Трамп Помладиот, рекол дека средбата со руската адвокатка Наталија Веселницкаја за време на изборната кампања во 2016 година била фокусирана на посвојување руски деца и дека не било поврзано со изборите во САД, пишува „Вашингтон пост“.
Доналд Трамп Помладиот објави неколку електронски писма од јуни 2016 година, кои покажуваат дека се согласил да се сретне со жена за која му било кажано дека е правна застапничка на руската влада и која може да поседува материјали што може да ѝ наштетат на демократската претседателска кандидатка Хилари Клинтон во битката со татко му.
Весникот пишува дека советниците на Трамп го разгледувале тоа откритие и се согласиле дека Трамп Помладиот треба да даде точна информација за тој настан така што „подоцна не може да се случи да биде доведен во прашања (неговиот исказ) доколку се појават дополнителни поединости“.
Претседателот Трамп, кој на 8 јуни беше на пат во Германија, го променил тој план и „лично ја издиктирал изјавата во која Трамп Помладиот рекол дека со руската адвокатка примарно разговарал за програмата за усвојување руски деца“, пишува „Вашингтон пост“ повикувајќи се на неименувани извори.
Изворите рекле дека во авионот Трамп бил зафатен со работата на изјавата на синот и оти му ја диктирал на советнкот за комуникации Хоук Хикс. Неколку часа подоцна претставници на Трамп Помладиот ја предале изјавата во четири продолженија во весникот „Њујорк тајмс“.
Се наведува и дека во соопштението тогаш испратено до „Њујорк тајмс“, кој се подготвивал да ја објави сторијата, е нагласено дека темата на средбата „не била предмет на кампањата во тоа време“.
Адвокатот на Трамп, Џеј Секулов, изјавил дека во одговорот на текстот на „Вашингтон пост“ напишал „освен што се небитни, описите се погрешни, неточни и не се релевантни“. Адвокатот на Трамп Помладиот, пак, Алан Футерфас, рекол дека тој и неговиот клиент биле потполно подготвени да дадат целосна изјава. За учеството на претседателот во подготвувањето на изјавата тој одговорил дека не располага со докази во прилог на таа теорија.
„Останува нејасно колку претседателот знаел во текот на летот за средбата на Трамп Помладиот“, пишува „Вашингтон пост“.
Дејвид Склански, професор по кривично право на правниот факултет при Универзитетот „Станфорд“, изјави дека Трамп доколку помогнал во составувањето на неточно соопштение за средбата, го зајакнал можниот предмет против себе за попречување на правдата. За да подигнат обвинение за попречување на правото, сојузните иследници мора да докажат дека лицето дејствувало со таква намера, а соопштението дека свесно доведува до заблуда може да се користи како доказ во тоа, вели Склански.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.