Daily news
Бронзен медал за Македонија на Интернационалната олимпијада по информатика во Техеран
Македонските средношколци информатичари постигнаа уште еден значаен успех освојувајќи бронзен медал на 29-тата по ред Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ), која од 28 јули до 4 август се одржува во Техеран, Иран.
На овој најпрестижен натпревар од областа на програмирањето за средношколци од целиот свет Македонија учествува со тим составен од натпреварувачите Владимир Максимовски, Филип Михов, Димитар Бајрактаров и Марко Ќаласан, предводени од лидерите д-р Марија Михова и д-р Кире Триводалиев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Овие ученици беа избрани во целогодишен циклус натпревари кој е редовно организиран од Здружението на информатичарите на Македонија, а оваа година се одржуваше 28. пат.
ИОИ е врвниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци, кој традиционално се одржува во една од земјите членки на ИОИ-заедницата. Во речиси 90 држави од светот секоја година се организираат национални натпревари во програмирање. На овие натпревари учествуваат огромен број ученици, сите со единствена желба – да се изборат за големата чест и привилегија да ја претставуваат својата држава на ИОИ.
На ИОИ 2017 учествуваат 304 ученици од 82 земји од целиот свет. Во оваа исклучително силна конкуренција бронзениот медал за Македонија го освои 17-годишниот Филип Михов. Треба да се напомене дека и другите тројца наши натпреварувачи постигнаа забележителни резултати, при што Димитар Бајрактаров беше на дофат на освојување бронзен медал – од овој извонреден резултат го делеа само 3 поени.
Во изјавата на претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, д-р Миле Јованов, кој е и член на интернационалниот комитет на Олимпијадата, се вели: „Со остварениот резултат младите наши ученици уште еднаш по којзнае којпат покажаа дека Македонија треба да се гордее со нив“.
Почнувајќи од 2010 година, нашите претставници на ИОИ континуирано постигнуваат одлични резултати освојувајќи медали речиси секоја година. Ова потврдува дека со знаењето од областа на компјутерските науки што го стекнуваат нашите најдобри ученици, а кое редовно го демонстрираат на интернационалните информатички олимпијади, несомнено се на рамниште со најдобрите ученици во светот. Од првото учество како независна држава на ИОИ во 1996 година, Македонија досега има освоено 1 сребрен и 15 бронзени медали – резултат што ја става пред цела низа од земјите учеснички. Со континуирано залагање редовно учествуваме под уставното име, а годишното учество беше помогнато од неколку општествено одговорни компании и од Фондацијата „Телеком за Македонија“.
Следната, 30. по ред Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2018), ќе се одржи в година во Токио, Јапонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.