Daily news
Тунтев: Организиран автобуски превоз за пратениците не е поисплатлива опција
Зошто пратениците да не одат со автобус на работа? Прашањето кое јавноста го поставува откако се покажа дека продолжува праксата пратениците да земаат повеќе од 1.000 евра месечно за патни трошоци, „Макфакс“ го упати до Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ, кој беше посочен дека е еден од пратениците кои земаат најмногу пари за патни трошоци. Тој во разговор за „Макфакс“ вели дека била разгледана можноста за организиран автобуски превоз, но, според нивните проценки, таа опција немало да биде поисплатлива за Собранието, а не одговарала ниту на работните обврски.
„Разгледано е и тоа како можност, но нема да биде исплатливо. Ќе биде поскапо. Имајте предвид дека ќе треба да се распише и тендер. А и немаме сите исти обврски, некои доаѓаат порано, некои подоцна. Другата опција за со автобус е со возен ред, со редовни линии, но нема секогаш, нема да стигнеме“, вели Тунтев.
Тунтев беше посочен дека е еден од пратениците од парламентарното мнозинство што зел најмногу пари за патни трошоци, или поточно 106.752 денара, а во анкетниот лист има наведено дека поседува стан во Скопје.
„Точно е дека имам стан во Скопје од 39 м2, но купен е оваа година и сè уште не е опремен“, појаснува Тунтев.
Инаку, најмногу пари за патни трошоци зел пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски, односно 156.356 денари за само три месеци, а неговиот сопартиец Сашо Василевски – 106.752 денара.
Вчера Тунтев изјави дека уште пред две недели предложил неколку алтернативи за покривање на патните трошоци за пратениците. Едната е постојната, но да се регулира подобро за да не се злоупотребува. Најголемиот проблем во сегашниот начин на исплата на патните трошоци е злоупотреба на системот, вели тој, бидејќи имало пратеници што не патуваат секој ден, а кои наплаќаат патни трошоци. Втората алтернатива што ја понудил е станови на користење – службени, државни. Третата алтернатива е давање надомест за одвоен живот и изнајмување стан под кирија и четвртата опција е хотелско сместување, избрано преку тендер, и за кое ќе се одлучи во Собранието или службите на Собранието. Координаторите на другите пратенички групи имаат време да ја разгледаат иницијативата на СДСМ до крајот на месецот. Доколку не се согласат или не дадат свои предлози, СДСМ ќе поднесе предлог за законски измени.
Г.Н.Р
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.