Daily news
Активни неколку пожари на територијата на Македонија
На територијата на Македонија активни се повеќе жаришта на пожари во општините Македонски Брод и Чашка, каде има прогласено и вонредена состојба, како и пожари во општините Кавадарци, Кичево, Долнени, Прилеп, Тетово и Брвеница, информираше портпаролот на Центарот за управување со кризи Надица Вчкова.
– Во општина Македонски Брод во моментов присутни се жаришта во атарот на селото Растеш, место викано Секулово Гумно и м.в. Коритски дол во подножјето на Сува Гора на атар на село Волче м.в. Мрамор. Појавен е нов пожар во атар на село Грешница во непосредна близина на претходниот, изјави Вчкова.
Таму се ангажирани еден хеликоптер на АРМ, кој дејствува и на атарот на селата Брест, Растеш, Волче и Заград.
– Пожарот во општина Чашка, кај месноста викана Јасеновска глава е се уште активен. Гори нискостеблеста шума и сува трева. За гасење на пожарот ангажирани се вработени од шумско стопанство „Бабуна“ од Велес, изјави Вчкова.
Пожарот на отворен простор, на подрачјето на село Галиште во општина Кавадарци се уште е активен и на негово гасење работи екипа на ЈП „Македонски шуми“, подружница „Бор“.
– Во општина Кичево, пожарот на м.в. Фрлогоец на планината Бистра е активен и се шири кон дабова шума. Екипи на шумското стопнаство „Лопушник“, единици на локална самоуправа од Кичево, Дирекцијата за заштита и спасување и РЦУК од Кичево се на лице место, изјави Вчкова.
Пожарот настанат вчера, посочи портпаролот на ЦУК, кај новите градски гробишта во Прилеп од запален отпад, сува трева и гранки, за брзо време е проширен и опожарена е површина од околу 60 хектари, во која дел и борова шума.
– Моментално пожарот е активен во мал дел во близина на село Горно Село и Мраморани, во општина Долнени, како и Мажурчиште во општина Прилеп. Моментално гори сува трева, смрека и друга деградирана шума, но според информациите кои ги имаме нема опасност од загрозување на манастирот Трескавец. Во моментов има екипи на ТППЕ од Прилеп, од единица на локална самоуправа, ЈП „Комуналец“ од Прилеп, планинарско друштво „Картуш“ од Прилеп и други доброволци, изјави Вчкова.
Во тетовскиот регион, активен е пожарот над село Копанце, Туденце и Сиричино, во општина Јегуновце, каде гори сува треба и нискостеблести жбунести растенија на карпест и тешко пристапен терен.
– Пожарот во атарот на село Гургурница во општина Брвеница е активен. Гори сува трева и пасишта. Според оние информации со кои располагаме нема опасност од проширување и зафаќање на шумата, изјави Вчкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.