Daily news
Македонија со месеци ќе нема амбасадор во Брисел
Брисел е загрижен од продолжувањето на политичките игри во Македонија, а во тие рамки и од очекувањето наредните неколку месеци нашата амбасада во ЕУ да остане обезглавена, т.е. без амбасадор.
Поради законските ограничувања за именувања пред локалните избори, извесно е дека Македонија ќе нема амбасадор во ЕУ до крајот на октомври, а во европските дипломатски кругови стравуваат дека тој рок ќе биде и подолг поради можноста опозицијата да го развлече именувањето на новиот кандидат преку Комисијата за надворешни работи во парламентот, каде што ВМРО-ДПМНЕ во моментот има повеќе пратеници од СДСМ или има ист број со коалиционите партии на СДСМ, но раководи со работата на ова тело.
Во ЕУ, генерално, постои скептицизам и за тоа колку е надмината политичката криза во земјата. Според дипломатски извор, Брисел сфаќа дека ова што се случува во парламентот е демократија, но несфатливо е и натаму да се нема чувство кога некое прашање е од национален интерес и да се избегнуваат политички игри за тоа.
Како што е познато, една од првите одлука на новата Влада предводена од СДСМ беше да ја прекине постапката за именување на Александар Николовски за шеф на мисијата на Македонија во Европската Унија бидејќи е високоекспониран политички кадар на ВМРО-ДПМНЕ и како таков не е посакуван ни од Брисел. Очекувањата на Николовски дека претседателот Ѓорге Иванов ќе стави потпис на неговите акредитиви и ќе влезе во конфликт со новата Влада се изјаловија, но можноста да се блокира именувањето на неговиот наследник останува реална.
Според неофицијални информации, шефот на државата се изјаснил дека ќе го поддржи секое именување амбасадори ако станува збор за професионални дипломати. Кој ќе го наследи Андреј Лепавцов на оваа функција засега не е сосема јасно, иако е логично веќе да се почнати подготовките, а по изборите да се формализира процедурата. Едно од имињата што се слушаше е тоа на Дејан Ѓоршоски, поранешен специјален преставник на Македонија во Брисел во времето на ВМРО-ДПМНЕ.
Во неформалните разговори исто така се навестува именувањето на Стево Пендаровски за амбасадор на Македонија во Вашингтон, САД, кој би го заменил Васко Наумовски бидејќи во Владата сметаат дека оваа амбасадорска позиција им е премногу клучна за да ја држи кадар именуван од ВМРО-ДПМНЕ. Инаку, Васко Наумовски е на половина од својот мандат во САД и е актуелен преговарач на Македонија за спорот за името. Појавувањето на Пендаровски на состанокот на Јадранската повелба со Мајкл Пенс, потпретседателот на САД, беше првиот сигнал дека се подготвува за таа функција.
Од француски извори се слуша исто така дека Париз би сакал за време на посетата на премиерот Зоран Заев на Франција, што веќе се подготвува, таму да ги пречека и амбасадор на Македонија. Оваа амбасада е празна поради спорот на Иванов со ДУИ, која не го признава како претседател на државата, а тој како реванш не ѝ ги потпишува именувањата. На листата за нови амбасадорски именувања е и амбасадата на Македонија во НАТО, каде што работата на актуелниот амбасадор Зоран Дабиќ се смета во алијансата како загубено време за евроинтеграцијата на Македонија. С.Ј.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.