Daily news
Џафери му одговори на Заев: На седниците на работните тела ќе се канат претставници на граѓанското општество
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, му одговори на премиерот Зоран Заев на неговото писмо со честитка за водењето на парламентот во првите 100 дена.
Во одговорот тој му се заблагодарува на Заев за честитките за работењето во првите 100 дена на Собранието и додава дека транспарентноста и приближувањето до граѓаните е обврска на избраните претставници од граѓаните, пратениците, на кои граѓаните им го довериле суверенитетот. Истовремено, ги поздравува, како што вели, транспарентноста, отвореноста, решителноста за реализација на планот 3-6-9, а со тоа и целосната вклученост на Собранието во реализацијата на процесот за полноправно членство на Република Македонија во Европската Унија и НАТО, активности што Собранието во изминатиот период ги реализира, а времето што следува ќе ги потврди решителноста и безрезервната поддршка на граѓаните за членување во ЕУ и НАТО.
„Надзорната функција на Собранието и на работните тела на Собранието мора да биде редовна и рутинска, во најголем обем и транспарентна, во насока на целосната информираност на пратениците од Македонија бидејќи ние во нивно име и за нив ги носиме одлуките. Безбедносните и разузнавачките служби мора да подлежат на редовна и рутинска контрола од надлежните работни тела на Собранието, а во остварувањето на тоа, основав и ќе раководам со работната група составена од пратеници од сите парламентарни пратенички групи. Се надевам дека по завршувањето на локалните избори ќе имаме насоки и решенија за непречена, редовна, рутинска и надзорна функција на Собранието и на надлежните работни тела. Дозволете ми да напомнам дека на средбите на работната група ќе ги поканувам, а убеден сум дека активно ќе учествуваат и претставници на Владата и на безбедносните и разузнавачките служби.
Граѓанското општество треба и мора да биде коректор, да ги надгради и да придонесе законите и актите што ги донесува Собранието да се оживотворат, да се применат во секојдневното живеење и работење на граѓаните и правните субјекти во Републиката. Деловникот на Собранието ќе се измени и дополни во членовите што го регулираат учеството во работата на работните тела на научни, стручни и јавни работници со обврска на седниците на телата да се канат, а со тоа и активно да учествуваат претставниците на граѓанското општество. Деловникот на Собранието исто така ќе се дополни, а со тоа ќе се овозможи работните тела да одржуваат подготвителни седници на кои ќе се канат и ќе учествуваат претставниците на граѓанското општество.
Клубот на пратениците и Постојаната комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот се активни и во периодот што е пред нас и ќе го дадат својот придонес во реализација на планот 3-6-9. Собранието во Деловникот го има регулирано прашањето на пратеничките прашања, а идејата, односно подготвеноста на Владата за целосна транспарентност и надзор да се овозможи поставување пратенички прашања на почетокот на новосвиканата седница во времетраење од еден час, ве уверувам ќе се реализира по завршувањето на локалните избори. Парламентарните партии на координација ќе го усвојат заклучокот кој ќе биде изготвен од работната група раководена од моја страна, искуствата од примената на заклучокот ќе бидат преточени во Деловникот на Собранието. Убеден сум дека во изнаоѓањето решенија за пратеничките прашања активно ќе учествуваат и претставници на Владата.
Собранието на Република Македонија било и секогаш ќе биде дом на демократијата, отвореноста, спротивставените мислења и ставови се основата за градење и зајакнување на демократијата во Република Македонија. Законодавната и извршната власт се нераскинливо поврзани во остварувањето на потребите на граѓаните и правните субјекти, градењето реформски чекори, целосното почитување на слободите и правата, владеењето на правото и правната држава целосно ќе ги реализира евро-атлантските перспективи на Република Македонија“, се вели во одговорот на Џафери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.