Daily news
Обновена вест: Повредени 27 македонски туристи во превртениот автобус
Дури 27 лица се повредени кога автобус со 44 патници вечерва околу 19 часот излета во близина на велешката патарина на автопатот кон Скопје, соопшти Центарот за управување со кризи. Повредените се пренесени во болниците во Велес и Скопје.
Директорот на Ургентниот центар во Скопје, Илир Хасани, изјави дека на Ургентниот центар се примени 10-ина повредени. Починати засега нема, а една жена е во шок-соба, со повреди на белите дробови, натколеницата и потколеницата „Другите пациенти сè уште ги прегледуваме за да видиме за какви повреди точно станува збор и сега не би можел да кажам колку од нив ќе задржиме и во каква состојба се“, вели д-р Хасани.
Во поранешната Градска болница во Скопје се примени шест пациенти, кои се во фаза на испитување, од кои еден е потешко повреден со контузија на градниот кош и на стомакот. Д-р Иван Спировски, директор на оваа болница, изјавил дека тројцата пациенти што ги задржале се во посериозна здравствена состојба, со скршеници на горните и долните екстремитети и дека се повозрасни.
„Засега се свесни и не се животозагрозени. Но, однапред не можам да кажам како ќе се одвива нивното закрепнување бидејќи правиме дополнителни испитувања. За другите тројца сè уште се во тек прегледите и не можам да кажам дали ќе ги задржиме во болница или ќе ги пуштиме на домашно лекување“, вели д-р Спировски.
Во велешката болница се примени осум лица. Таму е мобилизиран целиот медицински персонал.
Полицијата ја коригира првичната информација дека станува збор за грчки автобус и пред малку МВР сооопшти дека автобусот е на „Бус травел“, ангажиран од „Савана турс“. Автобусот враќал македонски туристи од одмор во Грција. Дознаваме дека биле од одморалиштата на првиот крак на Халкидик.
Сообраќајот на автопатот Велес–Скопје од штипската клучка се одвива по една коловозна лента поради сообраќајната незгода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.