Контакт

Daily news

Во Белгија компаниите не смеат да финансираат партии, во Македонија се главни финансиери

Објавено пред

„Корупција има насекаде. Има и во Белгија. Но, кога таа е толку голема што ја контролира ситуацијата, имате сериозен проблем“.

dobivaj vesti na viber

Со овие зборови поранешниот белгиски заменик-спикер на парламентот и консултант за Балканот, Лоде Ваност, стави црта меѓу тоа каде е денес Белгија, а каде е Македонија и зошто првата е на врвот по успешност во Европа, а Македонија над една деценија оди кон дното.

„Ја имав втората најважна позиција во парламентот со години и сè уште ѝ припаѓам на средната класа – имам само една куќа и патувам со воз во економска класа“, опиша тој. Кога бил во парламентарна посета на една африканска земја, не можеле да се начудат зошто се занимава со политика кога се збогатил толку малку. Во екот на преговорите за пржинските реформи, ја посетил Македонија и се запознал одблиску со состојбата.

„Системот во Македонија е толку корумпиран што најдобрите луѓе воопшто не доаѓаат на вистинските места“, вели Ваност за партизираноста во нашата држава.

„Овој феномен постоеше и кај нас, но по Втората светска војна администрацијата стана попрофесионална. Сега министер не може да му даде отказ ниту на својот возач кога ќе се смени власта“, ја илустрира тој ситуацијата. Иако и според него има разлика меѓу регулативата и реалноста и не е сè така идеално и во Белгија, на последните избори ОДИХР, сепак, донесе одлука да не ги следи воопшто бидејќи не се случува ништо нерегуларно. Тешко е дури и да се најдат соговорници во Брисел кои знаат што ги прашуваат кога ќе се спомне партизација бидејќи системот одамна расчистил со оваа појава, како и со другите две поврзани со неа –  клиентелизмот и корупцијата во политиката. Како се прави тоа во Белгија и дали може тоа да стане успешен модел за Македонија?

Новата влада најави дека нема да преземе масовни смени и отпуштања и дека странски експерти ќе ја испитуваат состојбата со јавната администрација за да понудат решенија иако последиците од партизацијата се втор најсериозен проблем за стабилноста на државата по нерасчистената корупција во високите ешалони на власта. Белгија, пак, има една од најрестриктивните законски регулативи која спречува политичките партии да се поистоветат со државата и да ја заробат, како што се случи кај нас. Дури и за стандардите на ОБСЕ белгиските закони се премногу ригорозни, но кога низ разговорите и извештаите на експертите и политичките претставници ќе чуете дека никој по изборите не се жали, дека сите ѝ веруваат стопроцентно на изборната администрација и дека ја сметаат перфектна својата демократија, звучи како добар пример за Македонија. Без оглед што во Европа многумина гледаат на Белгија како на нефункционална држава, особено кога по изборите во 2010 година им требаа 541 ден да формираат влада.

По скандалот со Вили Клас, во 1995 година, кога тој како министер за економски прашања зел провизија за да склучи договор за набавка на хеликоптери, јавноста  рече – доста е. Тогаш е донесена регулатива со која во корен се смени функционирањето на политичките партии во земјата. Сега партиите во Белгија не смеат да земаат никакви пари и донации од приватни компании и генерално од сите што имаат правен статус во земјата, па дури и фондации, невладини организации, верски институции, бизнис-асоцијации. Единствен извор на финансирање им се членарините и парите што ги добиваат од државата по изборите, а кои се делат според гласовите што ги освоиле, при што добиваат 125.000 евра плус 1,25 евро за секој освоен глас. Кампањите и воопшто финансиите на партиите ги контролираат две независни тела, а казнувањето за непријавени приходи е ригорозно, со одземање на средствата, скратување на правото да добијат државни пари, па и одземање освоен мандат на ваков начин.

Во Белгија, за разлика од кај нас, гласањето е задолжително и се избира не само по пропорционален туку и по преференцијален модел, односно може да се гласа за листа, но и за поединечни кандидати од неа. За да се стави крај на клиентелизмот забрането е давање  најситни подароци, така што на избран парламентарец може да му биде одземен мандатот веднаш по изборите ако се утврди дека дал на некој гласач дури и пенкало, не, пак, да му вети работно место или функција. Целосно е забрането политичкото рекламирање на електронските и интернет медиуми, при што партиите имаат гарантирано време на националните телевизии. Забранети се комерцијалните билборди, постерите не смеат да бидат големи, а кампањите мора да бидат скромни, при што државата определува колку секоја партија може да потроши, со максимум милион евра за најголемите.

Државата, тргнувајќи од принципот дека трошењето многу пари во кампањите само ги зголемува шансите за корупција, го утврдува и го контролира нивото на трошоците на секој од кандидатите. Донации од приватни индивидуи се можни  само до 500 евра по партија, но не директно на нив туку на нивните фондации и организации, кои, пак, не смеат да се вратат на никаков начин на партијата.

Притоа, не се санкционираат само тие што земаат туку и тие што даваат поткуп, од шест до осум години затвор, а за прекршување на правилата за политичко рекламирање и за надминување на ограничувањата се одговара кривично со осум дена затвор или максимум 2.750 евра, при што во принцип не се санкционираат партии туку одговорни лица. Целта на ваквите промени очигледно е да се исчисти политиката од парите и услугите, да стане независна од финансиерите, а со тоа да се искорени системот на корумпирање, клиентелизам и партизирање.

„Четирипати сум учествувал на седница за одземање на имунитет на пратеник. Еден од нив отиде во затвор. Во деведесеттите една политичка партија ги изгуби финансиите поради злоупотреба за приватни цели, а некои членови од партијата отидоа во затвор. Судот решава дали тие подоцна можат да се тркаат за функција, но јавноста не ги гласа повеќе“,  вели Ваност.

Професорот по политички науки на Универзитетот УЛБ во Брисел, Жан Мишел Де Вел, кој е добар познавач на Балканот, смета дека Белгија има најдобар модел за регулирање на финансиското работење на политичките партии, иако според него не е сè во законите и санкциите туку во  менталитетот, политичката култура, т.е. како тие се применуваат. Демократијата, вели тој, има цена, и ако граѓаните ја сакаат треба да инвестираат и во неа, и во правдата.

„ Минатиот месец речиси секој ден имавме некакви откритија за давање мито. Градоначалникот на Брисел и член на Социјалистичката партија зел пари за учество на состаноци што воопшто не се одржале. Даде оставка за пет дена и тоа е разликата тука во споредба со балканските земји. Овде ако имаш проблем, даваш оставка за три дена или за една недела. Кај вас апсолутно не се случува тоа. Вашата правда не е правда. Таа е корумпирана. Градоначалникот на Брисел не само што ја изгуби функцијата туку ќе биде исклучен од партијата и ќе има проблем со фискалната администрација“, објасни Де Вел. Според него, во вакви случаи мора да се вратат парите, а вообичаено фатените во корупција не можат да се кандидираат на идни избори.

„Ако медиумите веруваат дека нешто е лошо во вашето работење, тогаш тоа за вас е крај. Мора да се повлечете“, оцени Питер Ванхоуте, поранешен парламентарец и актуелен олеснувач на реформите во Македонија. Според него, за разлика од Македонија, јавниот притисок во Белгија по вакви откритија е толку голем што мора да си дадеш оставка.

Како, пак, смената на власта се одразува директно на администрацијата и можно ли е тие што работат во неа да бидат политички активни, а, сепак, институциите да функционираат на објективен начин, има различни толкувања на искуствата, иако сите се согласуваат дека во оваа земја никој не може да загуби работа затоа што друга партија од таа што ја преферирал дошла на власт.

„Тоа е невозможно во Белгија, да смениш некого по смената на власта. Она што е важно тука е да се има чувство за компромис. Ако сакате квалитетна демократија мора да научите да правите компромис. Најголем проблем во Македонија е што со смена на власта луѓе со многу компетенции и што ја познаваат работата ги губат местата само затоа што не се членови на победничката партија. Тоа не е прифатливо. Администрацијата треба да биде лојална на новата влада, но и владата треба да биде лојална кон администрацијата.

Кај вас политиката се сфаќа како војна на еден против друг. Само мојата партија е македонска, само ние зборуваме во интерес на нацијата а другите се непријатели… Со вакво гледање не е можно да се изгради добра државна служба“, оценува професорот Де Вел.

Парадокс е што, според него, во Белгија има историска традиција да се членува во политичка партија, но тоа, сепак, не е линија на која се „крши“ нацијата. Таа традиција сега повеќе е во перцепцијата бидејќи бројот на партиски членови драматично е опаднат. Но, за белгиското општество е прифатливо дури и вработени во  полицијата и во армијата да имаат партиска книшка и да бидат во исто време членови на општински совет. Овде изворите на парите се гледаат како многу поголема закана од  припадноста на политичка партија. Според Де Вел, партиите пропорционално на резултатите добиваат одредени позиции, па така во Советот на националните телевизии и радија свои претставници имаат сите партии што влегле во Парламентот, со што и најмалите можат да влијаат на одлуките на ова тело.

„Го применуваме овој систем за да бидеме сигурни дека и најмалите партии ќе бидат претставени во ваквите тела. Колку повеќе партии, толку подобро“, вели Де Вел признавајќи дека на ваков начин, сепак, се политизира во одредена мерка администрацијата. Релацијата меѓу партиите и администрацијата, вели тој, е многу силна во Белгија, но има и силно граѓанско општество, силни синдикати, медиуми… Статусот партиски член во минатото обезбедувал привилегии, но веќе не бидејќи граѓаните не го прифаќаат тоа и го казнуваат таквото однесување, како  реликт на минатото. Според него, фактот дека опаѓа членството во политичките партии е најдобра потврда за тоа.

„Ова е проблем не толку на регулативите колку на политичката култура. И најдобри да се законите, ако вашите судии не ги применуваат, резултатите се спротивни. А тоа може да се смени“, вели Де Вел посочувајќи ја Романија, каде што беа потребни 20 години за да се смени политичкото милје и во судството да дојде нова генерација која не подлегнува на партизацијата и води вистинска борба со корупцијата.

„Единствена политичка функција во органите на управа се генералните секретари на одделите. Но, и тие се номинирани како кариерни кадри, ако имаат добро искуство и ги исполнуваат условите. Дури и советниците на парламентарците, што сами ги избираат, мора да исполнат одредени критериуми  бидејќи ги плаќа државата и патем им ја одредува платата“, вели Ваност. Според него, наспроти Македонија, каде политичките партии се „возила на економијата“,  во Белгија политичките партии не смеат да бидат вклучени во никаков бизнис, да имаат акции или да се дел од профитабилни инвестиции.

Питер Ванхојте, кој најдобро го познава политичкото функционирање во Македонија, воведувањето систем со кој најквалификуваните ќе добиваат работа во администрацијата а не партиските кадри го смета за еден од најважните приоритети за земјата.

„Овој систем треба да се имплементира во Македонија, а политичките партии треба да се отргнат од приватното финансирање и да добијат лимитирани сретства од државата. Мора да има и некаков баланс меѓу партиите без оглед дали се големи или мали,  така што и на малите да им се гарантира задоволувачка поддршка, персонал и слично“, вели тој.

„Имаме независна организација за регрутирање кадри во администрацијата, така што која  позиција и да ја сакате, морате да аплицирате и да поминете серија тестови. Можеш да ги провериш потоа тестовите, така што ова е навистина систем базиран на квалификациите. Ако ги поминеш испитите може да аплицираш за работа во администрацијата, но до ова ниво е невозможно  какво било партиско влијание“, вели Ванхојте. Наспроти САД, кои имаат закон кој регулира до кое ниво може да се сменат позициите откако ќе се смени власта, според Ванхојте, во Белгија не постои такво нешто бидејќи тука администрацијата не се менува со власта.

„Администрацијата ни е толку важна што не го правиме тоа. Во шеесеттите и седумдесеттите имавме сериозен проблем со именувањата на високи позиции, како на пример директори на одредени административни сервиси, по што почнавме да применуваме неформален договор познат како Културен пакт. Политичките партии, имено, се согласија да се применува ротациски систем за високите позиции според кој добиваш  толку места колку што е твојата сила како партија во Парламентот. Но, тоа вклучува луѓе и од коалицијата на власт, и од опозицијата, така што ги вклучуваме сите партии во системот место да ги менуваме луѓето“, вели Ванхоуте посочувајќи дека проблемот со Македонија е што практично има двопартиски систем, иако има повеќе партии. Според него, и на другите партии треба да им се осигура некакво влијание, инаку слабее нивната внатрешна демократија.

За него, исто така, не е спорно да се биде партиски член и да се работи во администрација бидејќи во Белгија тоа се смета за демократско право. Можеш да бидеш член на општински совет и да работиш во администрацијата, но ако си избран за парламентарец мораш да се повлечеш од секоја позиција. Дали е популарно да се биде партиски член во Белгија? Ванхоуте вели – не.

„Бројот на членството на партиите оди надолу на годишно ниво. Сè помалку луѓе го сакаат тоа. Треба да се оди на состаноци, да се учествува во активности. Зелената партија, на пример, има меѓу 4.000 и 5.000 членови, додека во просек партиите во земјата немаат повеќе од 30.000 членови. Или, како што го објасни тоа Ваност, „кога имаш работа што ти е гарантирана, зошто тие е партија“.

Со клинтелизмот, како второ лице на партизацијата, Белгија според Ванхоуте расчистила во голема мерка. Среќавањето со него во Македонија и во другите земји со кои работи во моментов го мотивирало подлабоко да го истражува.

„Во Белгија, кога бев млад, живеевме во еден навистина клиентелистички систем. Во мојата општина имаше фабрика за автомобили од компанијата ‘Форд’ и ако сакаше некој да се вработи во неа не аплицираше таму туку кај градоначалникот. Сега нашиот систем го спречува тоа. Ако на пример имаш проблем со даночната администрација и најдеш некој парламентарец да интервенира за тебе, тој веднаш ќе биде опоменат од спикерот на Парламентот“, вели Ванхојте додавајќи дека системот во Белгија спречува да  му направиш услуга некому надевајќи се на противуслуга.

Објавувањето на т.н. бомби покажа дека за разлика од Белгија, каде што Министерството за внатрешни работи ја има улогата на ДИК и сите се задоволни, кај нас било претворено во штаб на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Од белгиското искуство испаѓа дека на Македонија  ѝ треба нова регулатива која ќе го постави на сосема нова основа функционирањето на партиите за да тие ѝ служат на државата а не таа ним, а во основата на сето тоа е ограничувањето на дотокот на парите, за тие што ја користат политиката за да се збогатат да немаат веќе интерес да бидат дел од неа. Главната улога очигледно треба да ја одигра јавноста која треба да ги прифати белгиските норми во политиката и да  притиска за нив бидејќи политичката елита во земјата нема сама да ја исече гранката на која се „дебели“. „Не можеш да бидеш неутрален додека излетува возот“ е омилената порака на Ваност. А нашиот воз оди во погрешен правец бидејќи има премногу пари во политиката и премногу неконтролирана моќ.

Слободанка Јовановска

 

Овој новинарски текст е изготвен со помош на грант доделен преку проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи”, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации во партнерство со Балканската истражувачка репортерска мрежа и НВО Инфоцентар со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Daily news

Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него

Објавено пред

Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.

dobivaj vesti na viber

Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.

Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.

Прикажи повеќе...

Daily news

Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото

Објавено пред

Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.

dobivaj vesti na viber

Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.

На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.

Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.

Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.

Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.

„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.

Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.

Прикажи повеќе...

Daily news

Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас

Објавено пред

Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.

dobivaj vesti na viber

Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.

„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.

Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.

Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.

Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија1 час

Спречен шверц на цигари, облека и хардверски делови, како и нелегален влез на илегални мигранти од Иран и Сиера Леоне

Во текот на изминатата недела мобилни тимови и царински службеници на граничните премини спречија обиди за криумчарење на поголема количина...

Македонија2 часа

Средба на лидерот на СДСМ, Филипче, со претседателката Сиљановска-Давкова

Денеска, ќе се одржи работна средба помеѓу претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, извести СДСМ....

Македонија3 часа

(Видео) Тошковски: Договорено заемно признавање на возачките дозволи со Обединетите Арапски Емирати

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски од 24 до 27 ноември со делегација на министерството е во работна посета на...

Европа3 часа

Аналитичари: Русија напредува во Украина со најбрзо темпо од почетокот на војната

Руските сили напредуваат во Украина со своето најбрзо темпо од првите денови на инвазијата, заземајќи површина од половина од поголемиот...

Свет4 часа

Трамп воведува огромни царини за Кина, Пекинг одговори

Ниту САД, ниту Кина нема да ја добијат трговската војна, одговори кинеската амбасада во Вашингтон во понеделникот на заканата на...

Свет4 часа

Белата куќа: Бајден ќе присуствува на инаугурацијата на Трамп

Претседателот во заминување Џо Бајден и првата дама Џил Бајден ќе присуствуваат на инаугурацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп во...

Свет4 часа

Ердоган: Збеснатата влада на Нетанјаху е како сериски убиец

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги осуди постапките на израелската влада и ги пофали Палестинките за нивната храброст и издржливост,...

Економија20 часа

Мицкоски: Грчевито се бориме да нема покачување на струјата, но ако мора, еве нека биде во третиот и четвртиот блок

Владата ќе се бори да не дојде до покачување на струјата, ниту за најавените до три проценти по Нова година....

Македонија22 часа

Почина владиката Тимотеј

Дебарско-кичевскиот митрополит Тимотеј починал денеска во болница. Тимотеј неколку дена бил на болничко лекување поради проблеми со срцето, објави „Религија.мк“....

Македонија22 часа

Меџити: ЈСП утре добива шест електрични автобуси, Владата ќе купи уште 120 и ќе им ги донира на општините со цел намалување на загадувањето

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, оценува дека природата овие денови направи...

Топ23 часа

Mладо момче со автомобилот излета на патот кон Средно Водно, тешко повредено

Дваесет и двегодишен скопјанец со иницијали М.П., синоќа по 1 часот по полноќ, со автомобилот излетал од локалниот пат за...

Свет24 часа

Брод полн со туристи потона во Египет

Во раните утрински часови потона туристичкиот брод „Си стори“ со 45 патници во близина на брегот на египетското одморалиште на...

Македонија1 ден

Сменетата изјава на Кешишев нема доказна вредност, рече обвинителката, која тврди дека имаат материјални докази оти Палевски стои зад убиствата

Обвинителството има материјални докази дека Љупчо Палевски-Палчо е сторител на убиствата на Вања и Панче, изјави обвинителката Ана Стојковиќ-Димитровска пред...

Свет1 ден

(Видео) Снимен моментот на падот на авионот во Литванија, силна експлозија го осветли небото

Безбедносните камери го снимија моментот кога авион се урна недалеку од аеродромот во Литванија. Авионот со четворица членови на екипажот...

Македонија1 ден

Каранфилова-Пановска: Ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики за промени на СДСМ

Новата Заменик-претседателка на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фани Каранфилова-Пановска, на вчерашниот 30-ти Конгрес на СДСМ порача функцијата со себе носи...

Европа1 ден

Украинците првпат објавија фотографии: Ова е новата ракета на Путин

Објавени се фотографии од остатоците од новата експериментална руска ракета, која беше пробно лансирана во четвртокот погодувајќи фабрика во Украина....

Македонија1 ден

40 потрчковци и неврохирургот на Заев, Филипче, не може да донесат ништо ново и добро ни во СДС ни во Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Венко Филипче не е ново лице на македонската политичка сцена. Венко Филипче е стар и истрошен лик, облечен во ново...

Македонија1 ден

МЖСПП: Советничката Ирена Витина подобро да се информира пред да изнесува невистини во јавност

Министерството за животна средина и просторно планирање остро реагира на изјавата на советничката на Град Скопје, Ирена Витина, за обезбедувањето...

Свет1 ден

(Видео) Мафијашка пресметка во ноќен клуб во Мексико, шест мртви и 10 ранети

Најмалку шест лица се убиени, а четворица се тешко ранети во масовно пукање во ноќен клуб во градот Вилахермоза, Мексико,...

Европа1 ден

(Видео) Пожар во фабрика за воена опрема во Русија

Украински беспилотни летала ја нападнаа фабриката „Тајфун“, дел од рускиот воено-индустриски комплекс, во градот Калуга објави Андриј Коваленко, раководител на...