Daily news
Како да го ублажите забоболот?
Каранфилче. Маслото од каранфилчиња е најпопуларен домашен лек за забобол. Ако имате етерично масло од каранфилчиња, нанесете 1-2 капки на забот, но внимавајте да не го голтате. Доколку немате масло, ќе ви помогне и употребата на каранфилчиња. Земете 1-2 каранфилчиња, ставете ги во устата за да омекнат и притиснете ги нежно со забите за да испуштат малку од своето масло. Tреба да знаете дека каранфилчињата само го здрвуваат местото за да го намалат интензитетот на болката, а не ја лекуваат.
Плакнење со топла солена вода. Во чаша со топла вода ставете една лажичка сол и промешајте. Шмукајте ја течноста за да ја исплакнете областа околу забот, односно за да ги отстраните евентуалните остатоци од храна.
Држете ја главата подигната нагоре. Подигањето на главата ќе го намали притисокот во областа околу забот и може да ја ублажи пулсирачката болка.
Лук. Земете едно чешне лук, згмечете го и ставете ги директно врз забот. Лукот има својства на аналгетик и антисептик, па може да ви помогне да ја намалите болката.
Ладни облози на образот. Во газа ставете неколку коцки мраз и како облога поставете ги на образот на истата страна каде што се наоѓа болниот заб. Мразот ќе ви го здрви околното место, па полесно ќе ја поднесувате болката. Не ставајте мраз директно врз забот! Иако тоа може моментално да ви помогне, со таквата постапка си правите уште полошо.
Мраз на шаката. Со коцка мраз истријте ја „V“областа од задниот дел на шаката, каде што се спојуваат палецот и показалецот. Тријте 5-6 минути.
Плакнење со 3% хидроген. Користете трипроцентен раствор на хидроген кога имате болка причинета од растење на нов заб или болка во непцата. Хидрогенот ќе ги отстрани сите остатоци од храна и ќе ви ја ублажи болката. Шмукајте го хидрогенот и исплукајте го.
Кесичка од чај. Поставете на забот искористена кесичка од чај уште додека таа е топла. Ова е популарен народен лек за кој се верува дека помага против забоболка.
Гума за џвакање за поткршен заб или падната пломба. Ако имате поткршен заб или падната пломба, покријте ја изложената област со изџвакана мека гума за џвакање без шеќер за да ја намалите болката. Гумата за џвакање може да ви помогне и да фиксирате лабава разнишана пломба. Во ваков случај, најдобро е да го избегнете џвакањето со цел да не ја влошите состојбата.
Средство против болка. Се разбира, кога болката е неподнослива, можете да ја елиминирате со аспирин или друг лек за таа намена.
Важно!
Не нанесувајте аспирин врз самиот заб. Многу луѓе кршат аспирин и го држат врз забот со цел болката да одмине. Никогаш не ставајте аспирин врз забот или околните непца! Ако биде поставен врз непцата, аспиринот може да ги оштети ткивата и да предизвика чувство на печење кое би можело да трае неколку дена.
Исчезнувањето на болката не треба да ви биде сигнал дека сè е во ред и да ве натера да ја откажете посетата на стоматолог. Забоболката е индикатор дека постои проблем, па затоа консултацијата со стоматолог е неопходна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.