Daily news
„Макфакс“ истражува: Чавков му дал македонски пасош на уапсениот иранско-турски милијардер
Уапсениот иранско-турски мултимилијардер Реза Зараб добил македонски пасош со неговиот втор идентитет, Риза Сараф. Тој лани во Мајами, САД, беше уапсен и обвинет за трансакции од стотина милиони долари во име на владата на Иран и другите ирански ентитети, кои беа забранети со американски санкции, перење пари од тие нелегални трансакции и измама на неколку финансиски институции со прикривање на вистинската природа на овие трансакции. Американските медиуми, по апсењето, открија дека кај Зараб биле најдени турски, ирански и македонски пасош. Американскиот оддел за првада, пак, соопшти дека обвинетиот имал двоен идентитет. Освен како Реза Зараб, тој имал документи и под името Риза Сараф.
„Макфакс“ истражуваше кој и под кое име му го издал македонскиот пасош. Министерстово за внатрешни работи (МВР) под името Реза Зараб не пронајде документи во базата на податоци за издадени лични исправи, но во повторена проверка со името Риза Сараф потврди дека иранско-турскиот бизнисмен има македонски пасош.
„На лицето Сараф Риза, роден 12.9.1983 година во Техеран, од татко Хосеин и мајка Шахен, со решение на Министерството за внатрешни работи број 11.1.2- 63475/1-2015 година, му е дадено државјанство на Република Македонија во согласност со чл. 11 од Законот за државјанството на Република Македонија. Од извршената проверка во евиденциите на издадени лични документи утврдено е дека именуваниот поседува важечка лична карта и важечка патна исправа“, велат од МВР.
Риза Сараф го поднел барањето за пасош на 2 октомври 2015 година, а му бил издаден на 29 октомври во согласност со позитивно мислење на владата. Извори од МВР, неофицијално, велат дека не се изјасниле сите служби позитивно за одобрување на пасошот на иранско-турскиот бизнисмен.
„Позитивно мислење за да му се издаде пасошот на Риза Сараф дала Управата за безбедност и контраразузнавање, мислењето од Министерството за финансии било негативно, а позитивно се изјаснило и Министерството за економија“, велат нашите извори и нагласуваат дека не е неопходно сите мислења да бидат позитивни за странецот да добие пасош.
Пасошот на Риза Сараф, само неколку месеци пред да биде уапсен во Америка, го потпишал Митко Чавков пред да биде сменет од функцијата министер за внатрешни работи. Две недели по потписот, на 11.11. 2015, Чавков беше сменет и на чело на МВР дојде Оливер Спасовски.
Стотина странци добиле македонски државјанства поради посебен интерес
Членот 11 од Законот за државјанството на Република Македонија, по кој му е дадено државјанство како услов за пасош на Риза Сараф, овозможува странец кој наполнил 18 години да може да стекне државјанство на Република Македонија ако тоа претставува особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес. Риза Сараф е вториот крупен бизнисмен кому Македонија му даде пасош за тој набргу потоа да биде уапсен под сериозни обвиненија. Првиот беше индискиот бизнисмен Субрата Рој, кој најави милионски инвестиции во Македонија, но не ги реализира.
Во декември 2012 година владата на ВМРО-ДПМНЕ донесе уредба за утврдување на критериумите за особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес за стекнување државјанство на Република Македонија. Оваа уредба им овозможи на странските инвеститори во Македонија, заедно со инвестицијата, да аплицираат и за македонско државјанство со оправдување дека има економски интерес да им се одобри. Според уредбата, странците може да побараат државјанство ако инвестирале во Македонија со директна инвестиција, донација, купување хартии од вредност, купување акции, ако инвестирале со знаење и искуство, иноваторство и слично. Врз основа на оваа уредба од усвојувањето до денес, според податоците на МВР, издадени им се државјанства на стотина лица.
„Во периодот од 2013 до 2017 година македонско државјанство стекнале 5.319 лица, од кои 91 лице стекнале македонско државјанство во согласност со чл. 11 од Законот за државјанството на Република Македонија и уредбата за утврдување на критериумите за особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес за стекнување државјанство на Република Македонија“, велат од МВР.
Според евиденцијата на Министерството, пак, од 1992 година македонско државјанство стекнале околу 100.000 странци.
Партијата за движење на Турците во Македонија побара јавно да се соопшти кој го издал пасошот
Објаснување за македонскиот пасош на Реза Зараб или Риза Сараф лани јавно побара Партијата за движење на Турците во Македонија. Тие прашаа кој му го издал пасошот, дали има инвестиција во Македонија, според кој закон му се дадени државјанството и пасошот и дали е праведно Иранецот Реза Зараб, кој се товари за огромен криминал, експресно да добие македонски пасош и државјанство, а Турците родени во Македонија, кои поради финансиски проблеми заминале во Турција, не можат да се изборат за македонско државјанство и пасош? Одговор на прашањата сè уште немаат.
„Партијата за движење на Турците во Македонија од надлежните служби во претходната влада побарала информација за јавно соопштување на начинот на издавање пасош за лицето Реза Зараб, меѓутоа немала никаков одговор“, велат од Кабинетот на Аднан Ќахил, министер задолжен за странски инвестиции во актуелната Влада на Република Македонија и претседател на Партијата за движење на Турците во Македонија.
Зараб најавил инвестиција од 650.000 милиони евра во хотелиерството
Турските медиуми во 2013 година јавија дека Реза Зараб ќе инвестира 650.000 евра во хотелиерството во Македонија, но оваа инвестиција кај нас никој не ја потврди. И четири години по најавата, министерот во Владата на Зоран Заев задолжен за странски инвестиции, Ќахил, вели дека засега нема сознанија за постојни инвестиции на споменатото лице.
Агенцијата за странски инвестици не одогвори на прашањата на „Макфакс“ дали имаат некаква соработка со иранско-турскиот бизинсмен.
Уапсен со 103.000 долари во кеш
Реза Зараб, изранско-турски бизнисмен и трговец со злато, беше уапесн на 19 март во Мајами, САД, со 103.000 долари во кеш, пишуваа американските медиуми. Кај него бил најден македонски пасош, како и патни исправи од Иран и Турција. Неговите адвокати побараа од судот во Менхетн ослободување на Зараб и негово префрлање во домашен притвор, а за тоа понудија кауција од 50 милиони долари. Обвинителите се спротивставија на овој предлог и инсистираа тој да остане во притвор поради опасноста дека со неговите три пасоши може многу лесно да ја напушти Америка и да се смести во земја што нема да го екстрадира.
Реза Зараб е сè уште во затвор, а во тек е судскиот процес против него. Заедно со него беа уапсени и обвинети и двајца ирански државјани – Камелија Џамшиди и Хосеин Наџазаде, но тие по сослушувањето беа пуштени да се бранат од слобода.
Според американските власти, бизнисот на Реза Зараб има годишен обрт од 11 милијарди долари. Тој е сопственик на 20 луксузни имоти во светот, автомобили, јахти, приватен авион и повеќе од 10 милиони долари во уметнички дела.
Против Зараб турските медиуми пишуваат дека се водела истрага и во 2013 година поради сомнение дека подмитувал високи владини функционери, но бил ослободен од сомнението кога турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го отфрли случајот како обид за државен удар оркестриран од неговите политички непријатели.
Сопругата Ебру Ѓундеш е популарната поп-пејачка и актерка
Реза Зараб е женет за турската популарна поп-пејачка и актерка Ебру Ѓундеш и имаат едно дете. По неговото апсење минатата година, амерканските медиуми пишуваа дека актерката неколкупати побарала развод.
Маја Илиевска-Пачемска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.