„ВМРО-ДПМНЕ повторно без срам ја манипулира јавноста дека во општина Центар ќе се населат мигранти. Ниту Министерството за труд и социјална политика испратило барање за локации за градба на објекти ниту, пак, се градат какви било објекти наменети за мигранти“, реагираа денес од Општина Центар на упорните соопштенија, изјави и реакции од ВМРО-ДПМНЕ на оваа тема.
„Темата мигранти е фиктивна конструкција на ВМРО-ДПМНЕ, која на терен ја реализира граѓанската иницијатива „Будење“. Во неколку општини и градови граѓанската иницијатива „Будење“ собираше потписи против населувањето мигранти, со една јасна цел – да го заплашат народот. Но, ова сценарио го срушија самите собирачи на потписи, а потврда за тоа се и фотографиите во кои се гледа како граѓаните од иницијативата ги внесуваат масите во општинскиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ во населбата Аеродром.
Затоа, и на вчерашната седница на Советот на Општина Центар советничката група на ВМРО-ДПМНЕ немаше аргументирано образложение зошто бара ваква точка итно да се стави на дневен ред. Оттука, почитувана ВМРО-ДПМНЕ, научи дека довербата кај граѓаните се добива единствено преку работа и дела, а не преку валкани сценарија.
Наместо да се занимавате со непостојни теми – работете.
Не обвинувајте за обезбедување работни места, подобар стандард и егзистенција. Вие сте тие што со лажните ветувања 10 години го замајувавте народот. Вие сте тие што им го срушија сонот на многумина дека животот ќе им биде поубав. Бидете паметни и во иднина покажете колку ви е грижа со проекти и дела. Бидете здрава и разумна опозиција за уште посветла иднина“, се вели во реакцијата на Општина Центар.